Претставници на заштитени природни подрачја и експерти за заштита на природата од регионот наречен Динарски лак, се собраа минатата недела во Бања Лука, Босна и Херцеговина на првата меѓународна конференција на национални паркови на Динарскиот лак под покровителство на WWF (WORLD WIDE FUND), светски фонд за заштита на природата.
Конференцијата траеше од 19. до 23. Ноември со претставници од земји од регионот, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Косово и Македонија. На работниот дел имаше три носечки теми како „Повелба за одржлив туризам во заштитени зони”, „Климатски промени” и „Алатки за проценка на користите во националните паркови”.
Еден од учесниците на конференцијата беше и невладината Е КУЛ ТУР од Охрид во соработка со Националниот парк „Галичица”. Претставник на Е КУЛ ТУР беше Климент Наумов и тоа во делот на Повелбата за одржлив туризам во заштитени подрачја.
-Повелбата за одржлив туризам во заштитени подрачја е документ кој произлегол од долгогодишната работа и залагање на Европарк Федерацијата и се состои од насоки, правила и прописи кои треба да се спроведат доколку некое заштитено подрачја или национален парк би сакале да станат дел од Европарк. Дел од повелбата се станува само ако се исполнат голем број критериуми од еколошки и социјален аспект. Со станувањето член на Европарк се создаваат многу можности за пристап до фондови за изработка на проекти и студии – истакна Наумов.
Националниот парк Галичица има аспирации во догледна иднина да стане дел од Европарк Федерацијата и за таа цел треба во иднина да создаде тело на консултанти од различни области.
Самиот проект Паркови во Динарскиот лак (Parks Dinaric Arc) започна во јануари оваа година со главна цел да создаде мрежа од 75 паркови во регионот. Исто така, една од главните задачи е едукација на вработените за подобро управување со парковите и создавање услови за одржлив туризам со што Динарскиот лак би постанал синоним за одржлив развој.
Проектот ќе трае 3 години.