Министерството за труд и социјална политика заедно со УНДП ја креираа првата мобилна апликација за помош и поддршка на жртвите на насилство „Биди безбедна”, достапна на три јазици: македонски, албански и ромски. Апликацијата ќе им помогне на жртвите на семејно насилство брзо и едноставно да побараат помош и поддршка, без разлика на времето и местото на кое се наоѓаат кога се во опасност или кога имаат потреба од поддршка.
Со вклучување на геолокаторот само со еден клик жртвите го испраќаат својот мобилен телефонски број и точната локација на која што се наоѓаат до Националната СОС линија за жртви на семејно насилство. Веднаш потоа, жртвата ќе биде исконтактирана од одговорните лица. Апликацијата е најпотребна токму сега, во период на корона криза, кога постои ризик случаите на семејно насилство да се зголемат, велат од МТСП.

Оваа апликација нуди многу можности, вклучувајќи ја и опцијата корисниците да си изберат броеви за поддршка од својот именик, член од семејството, личност од орган, институција, невладина организација или било која друга личност на која ѝ веруваат. Исто така апликацијата има едукативни и информативни содржини, вклучувајќи информации за правата на жртвите, практични совети за заштита, лични сведоштва на жртвите, како и целиот протокол за меѓусебна соработка на надлежните институции и здруженија за заштита и спречување од семејно насилство, се вели восоопштението од МТСП.
Апликацијата е достапна за користење од сите паметни телефони.
OhridNews












