Во рамки на одбележување на Меѓународниот ден за борба против дрога во Центарот за култура „Григор Прличев“ синоќа беше отворена  самостојна ликовна изложба на на младата и талентирана охриѓанка  Радмила-Мила Коцарева. 


Насловот на изложбата е “Раѓање на совршенството”, за кој Коцарева нагласува дека искажува една иронија за привидното совршенство кое под дејство на дрогата се создава во психата на наркозависниците, чија заблуда и мрак во кој пропаѓаат, е претставен преку уметничките дела на младата авторка.


Радмила-Мила Коцарева

На изложбата се поместени 50- тина уметнички дела изработени во техника сув пастел.
   
“ Првата јавна презентација на младата сликарка Радмила – Мила Коцарева , пред се претставува чин на храброст, но истовремено и начин на сопствено преиспитување, на знаењата кои ги стекнала претходно. Лишена од искуството на возрасните, но надарена со љубопитство, трпение и сериозност кон широкиот спектар на проблеми кои ги носи сликарската сфера, Мила користејќи го својот талент, храбро се движи по линијата, на деликатната потрага по својот сопствен творечки идентитет “ – вели професорот по ликовна уметност Ристе Никлески, осврнувајќи се на сериозниот   животен подвиг на младата сликарка, Мила Коцарева- со навршени 15 години да одржи самостојна изложба.


Изложбата на Радмила-Мила Коцарева ќе биде отворена до 28-ми јуни .

OhridNews
фото: „Дигитал фото Мики“