Турскиот кошаркарски шампион Фенербахче за прв пат во клупската историја и воопшто за прв пат во историјата на својата земја ја освои Евролигата откако во финалето од фајнал фор турнирот што се играше во Истанбул, вечерва, убедливо триуфираше над трикратниот евро првак Олимпијакос со 80:64.

Тимот предводен од извонредниот стратег Жељко Обрадовиќ, кому ова му е деветта титула во Евролигата, беше доминантен во текот на целиот натпревар. Фенербахче ниту еднаш не го испушти водството кое растеше, за во третата четвртина целосно да биде скршен отпорот на Олимпијакос, па така последните 10 минути од финалето речиси да беа формалност.

Нашиот Перо Антиќ одигра 8 минути во финалето, постигна 4 поени (1 тројка) и имаше по еден скок и асистенција. На Антиќ ова му е трета титула во Евролигата, од кои две има со Олимпијакос.

За МВП на фајнал фор турнирот во Истанбул беше избран одличниот Нигериец со американски пасош Екпе Удох (10 поени, 9 скока, 4 асистенции, 5 блокади). Најефикасни кај шампионот беа српските кошаркари Калиниќ (4 од 5 за три поени) и Богдановиќ кои уфрлија по 17 поени, додека кај поразениот тим канаѓанецот Кем Брч постигна 14 поени, а целосно потфрлија носителите на играта на Олимпијакос Спанулис, Папаниколау и Принтезис.

Во мечот за третото место ЦСКА го совлада Реал Мадрид.

Г.М.