Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, денеска одбележува 20 години од нејзината активна работа за грижа, помош и поддршка на децата во Македонија.
Во рамки на Свеченоста за одбележување на јубилејот ќе биде презентиран документарниот филм „20 години Прва детска амбасада во светот – Меѓаши “, како и изложба на детски цртежи од основните училишта во Република Македонија.
-Првата детската амбасада во светот Меѓаши – Република Македонија е меѓународна граѓанска организација основана на 29 Април 1992 година во Скопје. Во тоа време, пред 20 години, се здруживме како група граѓани за да им помогнеме на децата бегалци погодени од војната во БиХ, но продолжувајќи со работата и со другите деца, од Македонија, на површината излегоа за жал многу други тешки проблеми на кои требаше да се работи. За тие проблеми тогаш воопшто не се ни зборувашеше, луѓето немаа слушнато дека децата имаат нивни права, а сексуалната злоупотреба на децата и педофилијата беа табу теми, детскиот труд се сметаше дека не постои тука на овие простори, велат основачите на Меѓаши.
Тие нагласуваат дека до сега се направени многу промени на ова поле, а огромен дел од заслугата за нив припаѓа несомнено на работата на Меѓаши.
– Но, за жал тоа понекогаш изгледа како капка во морето, има уште толку многу што да се направи и сработи. Децата не обврзуваат на тоа, да ја продолжиме мисијата повеќе од кога било порано. И покрај многуте препреки и тешки моменти на опстојување, Детската амбасада Меѓаши израсна во организација која е позната во целиот свет, респектирана во и надвор од Македонија. Не случајно истражувањата во последниве години покажуваат дека таа е организација која ужива највисока доверба меѓу граѓаните во Македонија. Со тој факт се гордееме но и тоа не обврзува да продолжиме така и кон следните 20 години, потенцираат од Меѓаши.