Првата недела од предизборната кампања на кандидатите за градоначалник на Охрид не донесе жестока пресметка помеѓу политичките противници. Исклучок беа прес конференциите на двете најголеми политички партии и лути ривали ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, на кои конкурентите си разменија повеќе или помалку остри зборови. Впечаток е дека засега се почитува политичкиот бон тон, но како ќе се ближи крајот на кампањата се очекува да се ражести иборната битка, иако сите кандидати за градночалник се зaложија дека ќе водат позитивна кампања

Кандидатот на Нова Демократија, Васфи Доко засега е мошне тивок.

Настапи на митингот на кој беше претставен кандидатот за претседател на државата Имер Селмани, а главно неговите активности се насочени кон непосредни средби со граѓаните.

Тивок е и Боро Павлоски, кандидат за градоначалник на ЛДП. Тој одржа една прес конференција на која ги соопшти своите изборни цели. ЛДП очигледно се одлучила за нешто поскромна кампања иако претстојат уште две недели до изборите, во кои ЛДП акцент ќе стави на директните средби со граѓаните.

Меѓу најактивните е кандидатот за градоначалник  на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Трендафилов  – Нанче.

 Секојдневно тој е на средби со граѓаните пред кои ја ја презентира изборната програма, води интензивен маркетинг, се појавува на прес конференции кои неговата партија ги одржува секојдневно.

Кандидатот на ВМРО НП, д-р Томе Гиноски, одржа една прес конференција на која ја презентираше изборната програма. Поентите од неа тој ги образложува на средби и трибини со граѓаните, кои деновиве ВМРО НП ги интензивираше.

Интензивна изборна кампања има и кандидатот на СДСМ, Александар Петрески, кој се бори за втор мандат.

Секојдневно тој е на терен на трибини и средби со граѓаните, а три пати неделно СДСМ одржува тематски прес конференции. Исто така Петрески води интензивен маркетинг и е присутен во јавност.

Активна и позитивна кампања води кандидатот на НСДП, Ацо Попоски, кој исто така е меѓу  најекспонираните во првата недела од изборите. Попоски секојдневно е на терен и презентира акценти од неговата изборна програма. Попоски исто така има интензивен маркетинг.

По малку во сенка на кандидатите за градоначалник се кандидатите за членови на советот, иако и меѓу нив има исклучително активни.

СДУ и носителот на листа за советници, Веле Митаноски, се меѓу најактивните во првата недела од кампањата. Постојано присутни на терен и со чести прес конференции и активности, членовите на советничката листа на СДУ се обидуваат да ја презентираат изборната програма. Од останатите засега поголема активност покажаа независните листи предводени од Петре Петрески – Калимеро и Владо Цветкоски, како и заедничката листа на еколошките организации. Останатите се тивки.

Ohridnews