Генeтичката компанија „Синоген биотехнологија“, со седиште во Пекинг, Кина, вчера објави вест за првиот успешно клониран див арктички волк-женка во светот. Видеопораката уследи 100 дена по нејзиното раѓање во лабораторија во кинеската покраина Лијаонинг. Научниците велат дека животното е „пионер во одгледувањето ретки и загрозени животни“ преку технологијата на клонирање.

За да го спасиме загрозеното животно, ја почнавме истражувачката соработка со „Харбин поларленд“ за клонирање на арктичкиот волк во 2020 година. По две години макотрпни напори, арктичкиот волк беше успешно клониран. Ова е прв случај од ваков вид во светот, изјави Ми Џидонг, генерален директор на компанијата.

Раѓањето на првиот клониран див арктички волк во светот е пресвртница за применетата наука за клонирање. Тоа е од големо значење за зачувување на ретките и загрозени животни и биодиверзитетот, сметаат стручњаците.

Родена на 10 јуни, волчицата по име Маја е во добра здравствена состојба. Според Жао Џијанпинг, заменик генерален директор на компанијата, клонирањето е постигнато со конструирање на 137 нови ембриони од енуклеирани ооцити и соматички клетки, проследено со пренос на 85 ембриони во матката на седум женски кучиња-бигли, од кои еден се оплоди и роди како здрава волчица – Маја.

Изборот на кучка како сурогат-мајка на Маја е направен затоа што кучињата имаат исто генетско потекло со волкот.

Меѓународната унија за зачувување на природата ги наведува арктичките волци како загрозени во „Црвената листа загрозени видови“. Природното живеалиште им е северното арктичко подрачје на Евроазија, Гренланд и Канада. Во Кина, се внесуваат од странство и се одгледуваат во зоолошки градини.

OhridNews