Во Струга во септември ќе почне со работа првиот Центар за аутизам. Во оваа насока во просториите на Општина Струга беше потпишан договор за соработка помеѓу Општина Струга и Здружението за поддршка и третман на деца со аутизам и атипичен развој „Bright Steps“ од Струга, со цел реализација на активности од јавен интерес од локално значење.
Отворањето на Центарот претставува значаен чекор кон вклучување и поддршка на децата со атипичен развој, посочуваат од општината. Иницијативата, велат, е резултат на заложбата на претседателката на Советот на Општина Струга, Арбреша Влаши, и е целосно поддржана од градоначалникот Рамиз Мерко.
Целта на договорот е отворање и ставање во функција на првиот Центар за аутизам во општината, кој ќе служи како референтна точка за професионална поддршка и соодветен третман на деца со нарушувања од аутистичниот спектар и со посебни развојни потреби. Центарот ќе биде сместен во веќе адаптиран и уреден простор со површина од над 100 метри квадратни и кој обезбедува оптимални услови за терапија и развој, информираат од Општина Струга.
Во неговата рамка, додаваат, ќе бидат ангажирани дефектолози и стручни лица од областа на детскиот развој, кои ќе обезбедуваат специјализиран третман, поддршка за родителите и интердисциплинарни услуги насочени кон социјално вклучување на децата.
Овој Центар претставува резултат на плодна соработка помеѓу јавниот сектор и граѓанското општество и претставува важен чекор кон изградба на посеопфатен и посензитивен систем за потребите на децата со атипичен развој во нашата општина. Општина Струга останува посветена на креирање социјални политики и услуги кои промовираат еднаквост, вклученост и достоинство за сите граѓани, особено за децата на кои им е потребна зголемена поддршка, додаваат.
OhridNews