В недела (утре) со почеток во 12 часот во водите на Охридското езеро за прв пат ќе се одржи кружна 10-километарска трка во рамките од серијата LEN Open Water. Трката во Охрид која ја организира Пливичката федерација на Северна Македонија (ПФСМ) со поддршка од Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Општина Охрид е претпоследна од петте трки кои се на програмата од ФИНА и се очекува голема борба за првите позиции на пиедесталот.

  • Можеме да се пофалиме со LEN Open Water трка која прв пат се одржува во Охридското езеро што значи и во нашата земја. Значењето на оваа трка е огромно и покажува дека ние како Пливачка федерација на Северна Македонија се држиме до дадениот збор пред две години. Оваа трка е предвесник за она што ќе се случува на 28 август кога во Охрид ќе се одржи финалето во Олимписките дисциплина на 10 километри. – изјави претседателот на ПФСМ, Александар Маленко.

Првично се пријавија 31 пливач, но на техничкиот состанок се појавија вкупни 27 пливачки во машка и женска конкуренција заедно. Нашата земја ќе ја преставуваат Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски и младиот Давор Петровски.

  • Теренот нам ни е познат, но и на сите пливачи бидејќи се работи за чиста вода каква што нема никаде на друго место. 10-километарските трки за разлика од Ултра маратоните се побрзи а мене лично малку тоа не ми одговара. Исто така се губи одредена сила кога ќе врти околу бовите, но тоа што е за сите е така и мора јас да го прифатам. Тројцата сме физички подготвени и се надевам на добра трка. – изјави Илиевски.

Околу техничкиот дел се обрати официјалната делегатка Хадар Бендрор која е презедаволна од условите и се останато што треба да се подготви пред утрешниот почеток на трката.

  • Многу ми е мило што сме дел од овој историски момент за пливањето во Охрид. Во очите на овие лица околу мене гледам среќа и тоа мене ми дава многу мотив. Верувам дека се ќе помине во најдобар ред и ќе испратиме силна порака од Охрид. – истакна Бендрор.

Вкупниот награден фонд на трката изнесува 10 000 евра.

OhridNews