Вчеравечер во предворјето на црквата „Света Софија“ започна првото издание на „Охрид џез фестивал“ кој се организира под покровителство на Општина Охрид.

На свеченото отворање на фестивалот пред присутните се обрати заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски кој истакна дека има за цел да донесе една нова музичка енергија и уникатна забава, на самиот крај на летната сезона.

Особено не радува фактот што Охрид како најважен духовен и културен центар во нашата држава е домаќин и поддржувач на вакви културно-уметнички настани кои го привлекуваат вниманието на гостите и го збогатуваат културниот мозаик на градот. Џезот е важен дел од светската музичка историја, но се уште има многу силно влијание врз сите останати музички стилови и правци, па затоа заслужува големо внимание и почит. Се радувам што Охрид ги согледува современите музички трендови и отвора една нова фестивалска сцена, на која ќе може да настапат врвни и докажани џез музичари, рече Божиновски.

Убеден сум, додаде Божиновски, дека во текот на овие два фестивалски дена во преубавиот амбиент на предворејто на црквата „Света Софија“ ќе имаме можност да проследиме изведби на квалитетни музичари, кои преку посебно избрана програма ќе не однесат на незаборавно џез патување.

Искрено се надевам дека оваа манифестација ќе продолжи да расте и да се развива и дека ќе стане препознатлив дел од културната понуда на Охрид. Како и до сега, така и во иднина, нашата локална самоуправа ќе биде секогаш подготвена да ја даде потребната поддршка на вакви креативни проекти, истакна Божиновски во своето обраќање.

Во рамки на првата фестивалска вечер настапија Горан Папаз, Ансамбл „Билјана“ и гостите Танче Гроздановски и Ратко Даутовски. Вечерва во рамки на програмата предвиден е концерт на Џон И. Апелгрен квартет.

OhridNews