Уште едно јавно претпријатие во Охрид наскоро се очекува да добие нов или  старонов директор.

Наскоро истекува мандатот на првиот човек на јавното претпријатие Национален парк Галичица, Зоран Ангелоски поради што се очекува да биде распишан и јавен конкурс за избор на директор на претпријатието. Кога ќе биде распишан јавниот конкурс сепак зависи од владата која треба да именува нови членови на Управниот одбор, со оглед на тоа дека од април месец на тројца од вкупно петте членови им е истечен мандатот.


Откога ќе се комплетира Управниот одбор потоа ќе треба да распише јавен конкурс за избор на директор. Кога Владата ќе ги избере новите членови на одборот немаме информација, велат од надлежното министерство.

Актуелниот директор на претпријатието информира дека барањето за именување нови членови на Управниот одбор до Владата е пратено уште пред неколку месеци,  но засега нема одговор.  Ангелоски за OhridNews изјави дека со оглед на постигнатите позитивни резултати во изминатиот период, повторно планира да се пријави за вршење на функцијата директор на ЈП Национален парк Галичица.

– Во текот на неколкуте години додека јас ја извршувам оваа функција јавното претпријатие работи успешно и како никогаш до сега реализирани се низа странски инвестиции за потребите на националниот парк. Можам да кажам дека националниот парк во последните неколку години го доби изгледот кој навистина го заслужуваше, вели Ангелоски. 

Т. К.