Меѓународниот ден на трудот, 1-ви Мај, во повеќето демократски земји се одбележува со протести. Иако „гласот“ на работничката класа и воопшто работниците е забранет во некои делови од светот, сепак низ европските метрополи за денеска се најавени демонстрации на стотици илјади луѓе, кои секоја година на овој ден традиционално протестираат против репресијата на работодавците.

Во главниот град на земјава, протесниот марш на независните синдикални организции и левичарски движења, започнува од 12 часот пред Собранието на Република Македонија, од каде продолжува пред Владата.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Левичарското движење „Солидарност“, Движењето за социјална правда „Ленка“, Конфедерацијата на синдикалните организации на Македонија (КСОМ) и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ), ги повикуваат сите работници, стечајци, невработени, студенти, сиромашни и обесправени на првомајски протести.“ – велат од левичарското движење „Солидарност“.

„Нејќеме скара, сакаме права“

Како што стои во образложението на настанот, потписниците на Синдикалната повелба, во текот на утрешниот ден ќе излезат со повеќе барања до Владата на Република Македонија.

Законот за минимална плата да не дискриминира и ефективно да ги казнува прекршителите. Поради ова, потребно е да се изедначи минималната плата во сите сектори не во 2018, туку во 2014 година.  Работодавците за кои ќе се утврди дека не исплаќаат минимална плата директно да се казнуваат со парични казни, а не да добиваат покани за едукација. Ослободување на правото на штрајк од законските стеги. Правото на синдикално организирање да не биде мртво слово на хартија.“ – велат потписницте на Синдикалната повелба.

ССМ веќе неколку години не организира протести на 1-ви Мај

Додека граѓанскиот сектор и Синдикалните организации ќе го одбележат Меѓународниот ден на трудот со протест, на плоштад ќе излезат и од Сојузот на синдикати на Македонија, но нема да се приклучат на протестот.

Нема да се придружиме никому. Ќе се собереме да ги промовираме измените на Законот за безбедност и здравје при работа во делот на информирањето.“ – потврди за НОВА, Анѓелко Анѓелковски секретар на ССМ.

Работниците имаат страв да не останат на улица?!

И додека во работниците во светот го искажуваат своето незадоволство со првомајски протести, Македонија е една од ретките земји каде овој ден се одбележува традиционално со излети и скара.

Тоа е веројатно останато од претходниот систем. Некако сме индиферентни, се навикнавме да молчиме, а сите знаеме во каква сиромаштија живее голем дел од населението. Можеби контрадикторно, но кај наместо овие протести да земат силен замав во општеството како пост-социјалистичка земја, кај нас луѓето веројатно се „среќни“ со овие услови, па прославуваат со скара. Сите сме сведоци дека Законите за работниците во голема мера не се почитуваат, но оттука произлегува и стравот, што ако останам на улица.“ – велат дел од повозрасните охриѓани.

O.T.