Првооделенецот Ѓорѓи Петкоски кој е ученик во О.У. „Кочо Рацин“ од Охрид освоил Прва награда за ликовната творба „Стомна“ во рамки на 41. Државна изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ која се одржала вчера во Центарот за култура во Битола.
Петкоски чиј ментор е одделенскиот наставник Љубица Чифлигаровска воедно бил и најмладиот учесник на овој ликовен натпревар.
На годинешниот конкурс учествувале околу 2.000 творби од ученици од цела Република Македонија, а на изложбата биле презентирани 506 творби.
Со одлука на жирито специјална награда годинава им бил доделена на општинските основни училишта „Гоце Делчев“ од Неготино и „Наим Фрашери“ од Тетово, училишта кои четири години во континуитет добивале награда за најдобра колекција.
Жири комисијата доделила и 10 рамноправни награди за најдобри колекции меѓу кои било наградено и ОУ „Кочо Рацин“ од Охрид, а биле доделени и 26 награди за поединечни остварувања.
OhridNews













