Психијатријата како гранка во медицината, опфаќа превентивни лекување со цел пациентот да се врати во добра психичка состојба, односно личноста да се чувствува подобро и да има поквалитетен живот. Меѓу причините поради кои најчесто пациентите бараат помош од психијатар се проблемите кои ги носи современиот начин на живот: стрес, фобија, повлеченост, несигурност, недостаток на самодоверба, но и зависностите од лекови, алкохол и дрога.
Ако некогаш посетата на психијатар претставуваше табу-тема, денеска се повеќе граѓани се одлучуваат да побараат совет од стручно лице за своето ментално здравје.
„Некогаш ова навистина беше табу-тема, а луѓето мислеа дека само кај психијатар доаѓаат оние што се душевно болни. За разлика оттогаш, денеска мислењето е сосема спротивно. Не е толку драстично како некогаш, да пациентите се чувствуваат непријатно ако побараат помош од психијатар.“ -вели прим. д-р Снежана Стрезоска од Специјалистичката невропсихијатриска ординација.
Се повеќе млади страдаат од панични растројства
Иако во глобала кај психијатрите доаѓаат пациенти со невртоски потешкотии, загрижува фактот дека се повеќе млади со панични растројства бараат помош од стручните лица.
„Во глобала доаѓаат пациенти со невротски потешкотии, а секако дека има и душевно болни и зависници од наркотици и алкохол. Но за жал, се обраќаат се повеќе млади, веројатно поради општата ситуација, безработицата, економската состојбата, кои придонесуваат многу често за панични растројства кај младата популација.“ – потенцриа Стрезоска.
Таблетоманија и зависност од лекови
Како што објаснува Стрезоска, се почести пациенти се повозрасните кои имаат проблеми со зависноста од лекови.
„Тоа се лекови кои луѓето ги користат на своја рака, како лексилиумот и дијазепамот. Веројатно дека не се придава многу значење дека овие лекарства пртедизвикуваат зависности, а секоја зависност е пропратена со депресија, напнатост и со тресење на телото. Се земаат се поголеми дози од лековите, а кога ќе забележат дека и неколку таблети дневно не им помагаат, тогаш ќе се сетат дека треба да дојдат да побараат стручна помош.“ – објаснува Стрезоска.
Општествениот развој носи бенефиции, но и стрес
Психолозите сметаат дека општествениот развој носи свои бенефиции и го подобрува квалитетот на живеење, но не ги прави луѓето имуни на секојдневниот стрес, како на работните места, така и во семејството, партнерските релации и во процесот на воспитување на децата.
„Така, самиот општествен механизам креира потреба кај луѓето одговорите на своите психолошки потешкотии, прашања и дилеми да ги бараат со помош на стручни лица, наместо од пријатели, роднини, соседи. Тоа прави да верувам дека во непосредна иднина состојбата на ова поле ќе се подобри и во Охрид.“ – вели Елена Каневче, дипломиран психолог, семеен и системски советник.
Интернетот и медиумите поттикнуваат промена
Како што вели Каневче, интернетот, медиумите и достапноста на информациите ја поттикнуваат промената на менталниот склоп на луѓето.
„Информирањето за услугите и бенефитите кои се добиваат обезбедува демистификација на самото одење „на психолог/ психијатар/ советник/ психотерапевт“. Доколку разговарањето со стручно лице ја подобрува одредената состојбата, го решава хроничниот или акутниот проблем кај некого, не гледам зошто не би се барале услуги од ваков тип. Има три нешта кои прават јас лично да гледам пооптимистички во врска со оваа табу тема. Од една страна самото општество си креира механизми за ангажирање на стручните профили, од друга страна достапот на информации обезбедува да се разбере типот на услуги и бенефитите кои се добиваат, на крај можноста на психолозите и психијатрите за различни доедукации од областа на психотерапијата ги обезбедува со практични вештини во работата со клиенти.“ – вели Каневче.
Македонинја го следи трендот на развиените земји
Каневче објаснува дека земјава во последните 15-тина години го следи трендот на развиените земји, бидејќи се зголемуваат можностите за формална и неформална доедукација.
„Во моментот во Македонија во европски акредитирани институти се одржуваат обуки од семејна и системска психотерапија, гешталт, когнитивна-бихејвиор и други психотерапевтски правци, кои траат повеќе години. Така и во охридскиот регион веќе има високообразовани, а се зголемува и бројот и на психотерапевтите во едукација.“ – објаснува Каневче.
O.T.