Тимот составен од психолози, педагог и социјален работник преку советување, користејќи методи на разговор, сугестија, интроспекција, набљудување ќе работат на подобрување на менталното здравје кај деца и млади, адолесценти и возрасни лица од Охрид и регионот. Во Црвен крст Охрид започнува со работа психо-социјално советувалиште „ЗБОР ПО ЗБОР“.

Советодавната сесија трае еден час. По процена на тимот на советувалиштето, истата може да трае подолго или пократко во одредени случаи. Правото на дискреција на клиентите е загарантирано со Етички кодекс на психолозите на Р.С. Македонија. Разбијте ги стереотипите и педрасудите, мислете на себе и своето здравје и верувајте дека психо-социјалното советување во многу може да придонесе во правилно и навремено справување со стресот и подобрување на начинот на вашето живеење, велат од ОО Црвен крст Охрид.

Потенцираат дека современото живеење наметнува динамично темпо на живот, исполнето со обврски и рокови кои бараат целосен ангажман од лицето на секое поле: лично, семејно и професионално, па често доаѓа до конфликти (внатрешни и надворешни) во неможноста подеднакво да се одговори на барањата. Од друга страна, во услови на низок економски, образовен, културен и социјален статус се наметнуваат потешкотии кои произлегуваат од неможноста за задоволување на основните лични потреби и потребите на семејството и стремежот да се следат современите текови на живеење.

Со разивањето на сите техничко-технолошки иновации и пристапноста на информации од секаков вид, децата и младите стануваат се посвесни за сопствените потреби и нивните барања стануваат поголеми и доведуваат до конфликти во семејството како резултат на судир на генерации, конфликти во училиште и пред се внатрешни конфликти поради неможноста за разешување на истите. Сето ова ја наметнува потребата од постоење на вакво советувалиште, додаваат.

Заинтересираните лица ќе може да добијат повеќе информации и да закажат термин во просториите на Црвен крст Охрид секој работен ден од 9- 15 ч., на тел. 046 261909 и 070 315309 или на е-меил: [email protected].

OhridNews