Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид со предупредување и апел за избегнување од употреба на патниот правец Отешево-Охрид, поточно делницата Дервен-Царина. Наведениот патен правец, согласно годишната програма за одржување на патишта е категоризиран во трета категорија, велат, со што практично воопшто не се одржува во зимскиот период.

Истиот патен правец, поради ниските температури, снежните наноси и надморската висина на која се протега, во моментот е комплетно небезбеден за сообраќај, а од излетничкото место Корита до Царина на преспанска страна има забрана за користење. Во изминатите три викенди, оперативниот центар на ПСС доби голем број повици за асистенција на заглавени возила, а интервениравме дури во 13 случаи за извлекување, потенцираат од ПСС Охрид.

Свесни за овој проблем, велат, кој се провлекува веќе неколку години, на нивна иницијатива, на 24 јануари во просториите на СВР Охрид бил одржа состанок на кој, покрај претставниците на СВР и ПСС, биле присутни и претставници на НП Галичица и на Jавното претпријатие за одржување на патиштата.

Целта на состанокот беше изнаоѓање на решение за безбдено одвивање на сообраќајот на овој патен правец согласно годишната програма или негово целосно затворање за сообраќај. За жал, беше констатирано дека во моментот не постои законска можност за промена на годишната програма, но исто така не постои ниту можност за редовно одржување на патиот правец согласно истата програма, со што безбедноста од употребата на овој патен правец, се остава на совеста и проценкaтa на самите граѓани, велат од ПСС.

Од тие причини, а имајќи во предвид дека секоја интервенција на ПСС повлекува ангажирање на сериозни ресурси, кои имплицираат трошоци и се изложуваат на висок степен на ризик, апелираме до граѓаните, да се однесуваат совесно и да не се впуштаат во непотребни авантури на овој патен правец, додаваат.

Доколку и покрај сѐ, сепак дојде до заглавување на возила поради снежни наноси или мраз, сопствениците ги молиме да се обратат за помош до Јавното претпијатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, кое е надлежно за одржување на овој патен правец, до АМСМ или некоја друга шлеп служба, специјализирана за ваков вид на услуги, велат.

Воедно информираат дека Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид е доброволна хуманитарна организација, која е специјализирана за спасување на настрадани од тешко пристапни места и во комплексни операции, а истата делува волонтерски и не наплаќа за своите услуги, поради што велат повиците до нивниот оперативен центар да се упатуваат само во случаи кога навистина се работи за живото-загрозувачки ситуации, несреќи и сл.

Како љубители на планината и спортовите на отворено, длабоко ја разбираме потребата на граѓаните за идилични зимски излети, но апелираме на високо ниво на свесност и одговорност во однос на ризиците кои со себе ги носат зимата, снегот и мразот, додаваат од ПСС Охрид.

OhridNews