По повод 50 години од првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ во режија на Димитрие  Османли, вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“, во рамки на фестивалот “Охридско лето”,   ќе се изврши проекција на филмот, токму во Охрид- градот во кој се одвива најголемиот дел од дејството во филмот.


Кинотеката на Македонија ја продолжува својата улога на заштита и презентација на македонското филмско културно наследство и негово доближување до публиката, односно трајните вредности на првата македонска филмска комедија да се пласираат на помладите, а постарите да се потсетат на неа. Задоволство ми е што вечерашната проекција на филмот е во градот во кој е сниман , изјави на денешната прес конференција директорката на Кинотеката на Македонија, Мими Ѓоргоска- Илиевска.

Како што истакна Ѓоко Симјаноски, познат филмофил и автор на емисијата “Филмско око”, филмот “Мирно лето” за охриѓани е значаен по многу нешта.

–    Публиката, гледајќи го филмот,  ќе има можност да се потсети на Охрид како изгледаше пред 50 години. Познатите локации како што се Канео, чаршијата, стариот дел од градот, Чинарот, хотелот Палас, но и да види свои сограѓни кои при снимањето учествувале како статисти, рече Симјаноски.  

Како што истакна филмскиот критичар, Илинденка Петрушева, филмот е единствената снимена македонска комедија, за прв пат во тоа време, режирана од страна на македонски режисер и екипа составена исклучиво од македонски актери, со исклучок на главниот машки лик.

За жал досега снимена е само една македонска филмска комедија. Да се сними комедија е многу тешко од секој аспект. Да се одбере вистинска приказна во која ќе може да се пошегувате со самите себеси е многу тешко, потенцира Петрушева.

Снимањето на филмот “Мирно лето” започнало на 25 септември 1960 година и траело до декември истата година. Премиерата во Скопје се одржала на 18 април, наредната година. За само четири дена од прикажувањето, филмот го проследиле  17.000 луѓе.

Вечерашната проекција на филмот “Мирно лето” ќе започне во 21 часот. На неа ќе присуствува и дел од актерската екипа, актерките Мери Бошкова и Љупка Џундева, како и асистентот на режија Александар Ѓурчинов.

Влезот е бесплатен.

OhridNews