Директорите на основните училишта се на службено едукативно патување во Турција, претходно испланирано и организирано како дел од соработката со реномираната образовна институција „Јахја Кемал“. Трошоците за ова патување не ги сноси општина Охрид, туку се на товар на Кемал Јахја, кој воедно е организатор на ова едукативно патување, изјави денеска Јордан Пуроски, претседател на активот на директори на основните и средните училишта во Охрид, во врска со соопштението на општинската СДСМ.

Оттука не е можно оваа соработка да се усогласува според приликите кај нас, туку мораше да се прифати понудениот термин од страна на едукаторот на едукативната посета. Јас како претседател на активот на директори на основните и средните училишта, а воедно и како MC администратор, одговорно тврдам дека на претходните седници на активот, беше внимателно рагледувана поканата од приватното училиште „Јахја Кемал“.“ – рече Пуроски.

Тој потенцира дека најпрво како датум за едукативното патување бил понуден 2-ри јуни, но поради почетокот на екстерното тестирање, Активот одлучил да не ја прифати таа понуда.

Откако се образложи неприфаќањето на оваа понуда, предложија дека наjсоодветен датум за тргнување е 05.06.2014, т.е. денес. Исто така, се договоривме дека јас ќе сум дежурен MC администратор на локално ниво и ќе се погрижам екстерното тестирање  да помине во најдобар ред, во соработка со училишната комисија и претставници од локалната самоуправа.“ – потенцира Пуроски.

Во однос на поставените прашања од страна на општинската СДСМ, Пуроски истакна дека екстерното тестирање на ниво на општина Охрид се спроведува успешно и без никакви проблеми и потешкотии.

Секој претседател на училишната комисија задолжително треба да има заменик-претседател, кој во случај на отсуство на претседателот, ги извршува обврските на претседателот на комисијата. Второто прашање е одговорено во претходно наведеното, како и третото за тоа кој ќе се грижи за мониторинг на екстерното проверување. Значи се грижат претставници на локалната самоуправа, училишната комисија и просветниот инспкеторат.“ – истакна Пуроски.

Тој додаде дека директорите кои заминале на едукативното патување ја покажале својата одговорност, бидејќи избрале неработни денови за службено патување, што не било случај со нивните претходници.

OhridNews