Меѓу луѓето е раширено мислењето дека пушењето го намалува апетитот и помага во смалувањето на телесната тежина. Но, група австралиски научници утврдиле дека не доаѓа до намалување на масните наслаги туку до намалување на мускулното ткиво. Човекот ќе изгледа послаб, вагата ќе покажува помалку килограми, но таквиот начин на губење на телесната тежина штетен е за поединецот, објаснува фармацевтката Маргарет Морис од Универзитетот Нов Јужен Велс.Таа додава дека најголемиот дел масни наслаги од кои сме сакале да се ослободиме, ќе се задржат и натаму ќе се таложат, посебно околу срцето на пушачот, белите дробови и црниот дроб.

Проф. Морис заедно со соработниците истражувањето го спровела на група лабораториски глувци.Истражувањето траело седум недели. Половината од глувците биле изложени на чад од цигари еквивалентен на четири испушени цигари дневно, шест дена во неделата. Остатокот од глувците биле сместени во кафези кои не биле изложени на чад од цигари. После седум недели утврдено е дека глувците изложени на чад од цигари изгубиле околу четвртина од својата телесна маса, но количината на масно ткиво останала на исто ниво како и пред излагањето на чад од цигари.

Јасминка Т. Момироска