Со сечење црвена лента, денес, свечено беше пуштен во употреба новоизградениот пат кој води од селото Вапила кон Сирула. Проектот за изградба на патот го изработи локалната самоуправа, а се реализира со средства од Агенцијата за финансиска подршка на руралниот развој и земјоделството.

Локалната самоуправа во 2013 за овој проект аплицираше со комплетна документација на огласот објавен од агенцијата, при што беа доделени 23.500.000 денари од кои 18.207.000 за изградба и реконструкција на овој пат и тоа за реконструкција на 1.707 метри од постоечкиот пат кој беше оштетен и за изградба на 2.394 метри нов пат. Со ова се создадоа услови за иден развој на овие две населени места , рече Бакрачески.

Задоволство од изградбата на патот искажаа од месната заедница од каде потенцираа дека сега се создадени услови селото Сирула да го посетуваат што поголем број посетители.

Ние како селани не можевме да го направиме патот па затоа побаравме од локалната самоуправа да го направи. Во 2007 година се обративме до минатиот состав на локалната самоуправа која изгради половина од патот. Другата половина побаравме да се изгради од актуелната власт. Еве и тоа го дочекавме, изјавија од месната заедница.

Од Агенцијата за финансиска подршка на руралниот развој информираат дека проектот за изградба на патот Вапила- Сирула е еден од вкупно 134 проекти кои се одобрени од агенцијата во функција на подобрување на квалитетот на животот во руралните средини.

Ова е заеднички успех на централната и локалната власт која аплицираше со успешно подготвени апликации кои потоа беа одобрени од наша страна. Убеден сум дека и во наредниот период охридската локална самоуправа повторно ќе биде корисник на средства од програмата за рурален развој, изјави директорот на Агенцијата за финансиска подршка на руралниот развој, Тони Димоски .

Денес во  Сирула во дворот на селската црква се одржа и  народен собир по повод празникот Св. Никола летен со традиционално наддавање за крстот.

Т.К.