Со пригодна свеченост, денес, беше ставен во употреба реконструираниот локален пат Вапила- Ливоишта во должина од околу 2 километри. Како што нагласи градоначалникот Никола Бакрачески, патот е проширен за еден метар, поставени се банкини, а проектот се реализира со средства од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој, а според проект со кој аплицирала локалната самоуправа.

– Тука сме да ја означиме реализацијата на едно од нашите ветувања, проект кој многу значи за животот во овие села и го олеснува живеењето на жителите и допринесува за развој на овие средини кои во минатото беа заборавени и запоставени од локалните власти. Вкупната вредност на проектот е 8 милиони денари, можеби не се многу пари, но за рурални средини во кои долго не се вложува ништо, тие пари значат многу, особено кога се вложени во патна инфраструктура која е од суштинско значење за животот на овие две села, рече градоначалникот Бакрачески.

Благодарност во име на жителите, упати претседателот на месната заедница на Ливоишта, Иван Ангелоски, кој изрази надеж дека во иднина ќе се асфалтираат и останатите локални патишта во околината.

– Благодарност до локалната самоуправа која се залага нашето место да го направи со многу подобра инфраструктура и место каде ќе се вратат тие кои се отселиле и ќе се допринесе кон тоа никогаш повеќе луѓето да не се отселуваат. На 12 километри сме од срцето на Охрид, не сме далеку и може да останиме тука. После долги години некој се сети на нас и се надевам дека за скоро време ќе се асфалтираат и патиштата од Вапила до Косел и кон Требеништа, затоа што се од големо значење за нас, рече Ангелоски.

Градоначалникот Бакрачески потенцира дека следуваат низа проекти кои се од големо значење за жителите во селата и приградските населби. Најави дека во наредниот период, со поддршка на владата и министерството за финансии, се очекува да биде асфалтиран и останатиот дел од патот од Косел до Ливоишта, односно делот помеѓу селата Вапила и Косел.

Т.К.