Со сечење црвена лента, денес, свечено беше пуштен во употреба патниот правец Охрид- Велестово. Реконструкцијата на патот во должина од 4100 метри беше извршена во две фази. Првата, ја опфати реконструкцијата на дел од патот на потегот од бензинската пумпа до управната зграда на ЈУ Национален парк „Галичица“ и кај влезот од селото, а се изврши со средства од Агенцијата за патишта на РМ. Останатиот дел со средства од Агенцијата за поддршка на руралниот развој при Владата на РМ.
– Користа ќе биде повеќекратна, како за жителите кои од 70- те години, дури сега имаат можност да минуваат по реконструиран пат, така и за туристите кои сакаат да уживаат во убавините на овој дел од градот, а мошне добра прилика е и за рекреативците и оние кои се бават со спорт. Сега по изминати 30 години ќе се користи овој патен правец уреден и реконструиран, вели градоначалникот Никола Бакрачески.
Жителите и сопственици на викенд куќи во Велестово изразија задоволство од завршената реконструкција на патот.
– Му благодарам на градоначалникот Бакрачески за изградениот пат кој одамна требаше да биде направен, кој беше многу пати ветуван од други власти, но никогаш не се реконструира. Овој пат ќе го отвори развојот на Велестово, една прекрасна дестинација како за развој на руралниот, така и на планинскиот туризам, а пред се ќе го подобри животот на оние малку семејства кои живеат во село Велестово, рече Стојан Митрески од МЗ Велестово.
Патот кој е со ширина од 3,5 метри, со реконструкцијата е дополнително проширен за повеќе од 50 сантиметри.
Вкупната вредност на проектот е 21.096.085 денари.
Т.К.