Со свеченост што се одржа денеска, во употреба беше пуштен уште еден дел од автопатот Охрид – Кичево. Станува збор за делницата од Охрид до селото Климештани во должина од 17 километри, со мал прекин кај Требеништа. Со нив вкупно во употреба се пуштени 34 километри од автопатот Охрид – Кичево чија вкупна должина е 57 километри.

Со гордост во пресрет на 8 Септември – Денот на независноста на Македноја пуштаме во употреба уште една делница од автопатот Охрид – Кичево. Со овој симболичен настан сакаме да испратиме јасна порака дека преку конкретни дела ја градиме иднината на Македонија, истакна во обраќањето градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Со пуштање во употреба на делницата од Охрид до Климештани, всушност во употреба пуштаме повеќе од половина од автопатот, потенцира директорот на ЈП Државни патишта, Коце Тајановски. Тој се заблагодари на сите кои се вклучени во изградбата на автопатот за придонесот оваа делница да биде завршена пред празникот 8 Септември.

Требаше многу труд, многу енергија, затоа што наследивме делница каде работите беа замрени и не можеше да се видат работници и машини на градилиштето. За една година успеавме да ја пуштиме оваа делница во должина од 17 километри со мал прекин кај Требеништа. Ове е една од најтешките делници во Македонија затоа што се прави на готов асфалт, минува низ пет населени места и има многу свртувања и проблеми. Сето тоа требаше добро да се испланира и изведе. Направивме пристапни патишта за кои абер немаше пред да дојдеме, истакна Трајановски.

Овој автопат има огромно значење не само поради Охрид и развојот на туризмот, туку и затоа што ја поврзува земјава со Албанија и пристаништето Драч што ќе има и економски бенефит, рече министерот за транспорт Александар Николоски.

До неодамна жителите од регионот не можеа да пристапат до аеродромот во Охрид, а денес имаме меѓународен аеродром кој е автопатски поврзан што е огромна работа, двата аеродроми во Македонија да бидат автопатски поврзани со цел да се зголеми авиосообраќајот на што многу работиме, да се зголеми бројот наа туристи и луѓе кои сакаат да прават бизнис во Македонија, посочи Николоски.

Додаде дека во наредниот месец-два се очекува да биде завршена и клучката кај Требеништа и изрази надеж дека до крајот на 2028, почеток на 2029 година целосно ќе биде завршено автопатското поврзување од Скопје преку Тетово, Гостивар, Кичево до Охрид.

Ова не е само уште еден пат, ова е силен доказ дека Македонија се движи напред и се гради, рече премиерот Христијан Мицкоски.

Таму кадешто имаше застој има решение, таму кадешто имаше недоверба има резултати. Автопатот Кичево – Охрид има стратешко значење, тој е главна артерија за поврзување на Југозападна Македонија со остатокот од државата и со Охрид, град кој не е само наш туристички бисер туку и светско културно и природно наследство. Со овој автопат Охрид и целиот регион добиваат нова енергија за развој, нови шанси за туризмот и нова перспектива за економијата. Со побрзо и полесно и побезбедно патување овој автопат ќе донесе повеќе туристи, повеќе инвестиции и повеќе можности за локалната економија. Ќе се скрати времето на патување, ќе се олесни транспортот на стоки и услуги и ќе се отвори простор за нови бизниси и нови работни места, истакна премиерот Мицкоски.

Тој рече дека за една и пол година во употреба се пуштени 87 километри автопатишта во Македонија и дека Владата ќе продолжи да работи и да гради по што таа суштински се разликува од политичките ривали.

Г.М.
Фото: Влада на РСМ/Министерство за транспорт