Министрите за внатрешни работи на Република Македонија и Република Албанија, Гордана Јанкулоска и Фламур Нока, денеска на граничниот премин „Ќафасан“ го пуштија во употреба заедничкиот контакт центар за полициска соработка меѓу полициите на двете земји.
– Со денешното отворање на контактниот центар практично испраќаме една порака за подобрување на соработката, подобрување на протокот на патници и возила и интензивирање на комуникацијата меѓу двете држави, истакна Јанкулоска.
Според министерот за внатрешни работи на Република Албанија Фламур Нока, ваквиот принцип на соработка се темели на Виенската конвенција за полициска соработка на земјите од балканскиот регион.
– Ова отварање кажува дека имаме заеднички момент да имаме слободен, но сигурен граничен премин, но и да се подигне ефективноста на полициските структури, рече министерот Нока.
Во рамки на свеченоста двајцата министри денеска на граничниот премин Ќафасан потпишаа и Меморандум за соработка меѓу Секторите за внатрешни работи на двете земји.
На свечениот чин на граничниот премин Ќафасан присуствуваше и шефот одделот за безбедносна соработка на мисијата на ОБСЕ во Албанија Гај Винет, кој истакна дека отварањето на заедничкиот контакт центар е еден чекор понапред кон зачувување на прекуграничната соработка и поголема сигурност.
Иасто така, шефовите на македонската и албанската полиција, денеска, го отворија и новиот граничен премин Џепчиште-Требиште, кој се очекува да овозможи развој на општините во овој регион од двете страни на границата.