Градоначалникот Никола Бакрачески, денес, ги пушти во употреба реконструираните улици „Сатеска“, „Мича Гилиќ“ и „Трајче Трајчески“ во населбата Даљан. Како што истакна градоначалникот, по изминати 30 години, конечно нов лик добија три улици во овој дел од градот.
– Претходно овие улици беа во лоша состојба, со пропаднат асфалт на кој имаше прекопи и дупки кои го отежнуваа нормалното сообраќање и движење на пешаците. Најлошо од се е што претходно поради непостоење на атмосферска канализација при врнежи од дожд се поплавуваа не само улиците, туку и околните куќи. Но, го решивме и овој горлив проблем. Пред реконструкцијата, односно асфалтирањето, за прв пат тука е изграден нов систем за собирање и одведување на атмосферски води со колектор и испусна градба. Атмосферската канализација е со вкупна должина од 1 287 м. Од оваа должина 1 004 метри се изградени на улиците: „Мича Гилиќ“ „Трајче Трајчески“ и „Сатеска“. Во рамки на проектот изградени се 40 шахти, 40 сливници, испусна градба и колектор со должина од 283 метри со дијаметар од 600 мм, рече Бакрачески.
Вкупната асфалтирана површина на трите улици е 4 669 метри квадратни, а реконструирани и уредени се и тротоарите со површина од 1 049 м2. Улиците се асфалтирани со високо квалитетен асфалт со дебелина од 7 сантиметри.
Проектот е реализиран со поддршка од Владата и Светска Банка.
OhridNews