Во пресрет на 5 декември, Светскиот ден на волонтерството, а во рамки на соработката на Црвен крст Охрид со Операција Флориан (Operation Florian) од Манчестер, Англија, утре во просториите на Црвен крст Охрид со почеток во 12 часот ќе се реализира многу интересна и инспиративна работилница со наслов „И ти можеш да бидеш хероина“, на која ќе се потенцира можноста и важноста од учество на жените во волонтерски противпожарни активности.
Активноста има за цел да придонесе за зајакнување на капацитетите на волонтерските противпожарни служби во Македонија преку идентификување, поттикнување и поддршка на жените за нивно активно учество како волонтерски пожарникари, а преку градење на родова еднаквост и социјална инклузија. Можностите за вклучување на жените во волонтерски противпожарни активности се ограничени, а жените се соочуваат и со структурни и општествени бариери во нивното остварување. Оваа работилница е можност да се дојде до емпириски информации кои ќе помогнат понатаму да се креираат соодветни настани за подигање на јавната свест и дизајнирање долгорочно стратешко планирање и комуникација за вклучување на жените во волонтерската противпожарна служба, информираат од Црвен крст Охрид.
Работилницата ќе ја водат реномирани професорки од Англија, кои доаѓаат од некои од престижните универзитети во светот: Northumbria University Newcastle и The University of Manchester Global Devolopment Institute.
Нивните знаења, искуства и глобални перспективи ќе ни помогнат да го разбереме значењето и потенцијалот на женската вклученост во хуманитарните и противпожарните волонтерски активности и ќе нè инспирираат да создадеме посилни, поодговорни и побезбедни заедници. Ги покануваме и охрабруваме припадничките на понежниот пол да ја искористат можноста да бидат дел од оваа работилница каде ќе ја почувствуваат силината на волонтеризмот и бидат поддршка за сите жени кои секојдневно избираат храброст, посочуваат.
За работилницата ќе биде обезбедено превод на македонски јазик.
Операција Флориан (Operation Florian) е основана 1995 година како хуманитарна доброволна организација на британските противпожарни и спасителни служби и работи на промоција на заштита на животот меѓу заедниците во потреби, ширум светот.
OhridNews













