Работилница против врсничко насилство „Крени глас“ наменета за родители ќе се одржи денес со почеток во 18 часот во основното училиште „Григор Прличев“ во рамки на општествено одговорната кампања на „Макпетрол“.
Преку работилницата, родителите добиваат простор за подобро да се запознаат со најразличните аспекти на проблемот со врсничкото насилство, и особено, со начините на кои што тој влијае врз развојот на децата. Меѓу темите за кои што се дискутира се и препознавањето на случаите со булинг, но и пристапот што треба да се примени во нивното разрешување. Освен за стручниот аспект, родителите со психологот можат да разговараат и доколку имале лично искуство со овој проблем. Дел од средбите се и претставници на стручните служби на училиштата во општината, кои при случаи на врсничко насилство работат со учениците, посочуваат организаторите.
Родителите ќе имаат можност да разговараат со психологот Деспина Стојановска, а водител ќе биде актерот Сашко Коцев.
Поддржуваме секакви настани и активности кои се од важност за децата и нивниот здрав раст и развој, велат од училиштето.
Инаку, „Макпетрол“ потпиша меморандуми за соработка со 26 општини кои што се приклучија и ги поддржаа активностите од општествено одговорната кампања. Во првата фаза од „Крени глас против врсничко насилство“ беа организирани работилници за ученици во повеќе од 150 основни училишта. Централен дел на кампањата е интернет-страницата kreniglas.mk. Оваа веб-платформа содржи многу информации, едукативни материјали, како и можност за анонимно споделување лични приказни поврзани со булингот.
OhridNews