На 5-ти април, стружани и охриѓани ќе имаат можност за прв пат да присуствуваат на работилница за музикотерапија, насловена „Ритамот на чувствата“.

Од страна на организаторот „Аспекти“ се потенцира дека станува збор за настан кој многу ретко или воопшто не се организира на овие простори.

–    Чувствата се дар и богатство на човекот, извор на енергија. Многу често таа енергија што чувствата ја создаваат длабоко ја потиснуваме во себе. Почесто непријатните чувства, а некогаш и радоста и среќата. Низ ритмот на музиката неколку часа – водена од стручно лице безбедно допрете до своите чувства и изразете ги колку сакате. Дозволете си да се чувствувате испразнето, опуштено и позитивно со поголема свесност „сега и овде”, велат од „Аспекти“.

Работилницата, со која ќе раководи проф.  Снежана Андреева, психотерапевт и магистер по клиничка психологија, ќе трае 3 часа, од 18 до 21 часот. Ќе се одржи во Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии „Порака нова“ во Струга.

OhridNews