Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе формира работна група на државно ниво и осум на локално ниво коишто на дневна основа ќе одговараат на барањата на Државната изборна комисија, во врска со прашања поврзани со предвремените парламентарни избори закажани за 5-ти јуни.

Ова го соопшти премиерот задолжен за спроведување на изборите, Емил Димитриев, по денешната средба со членовите на ДИК на која  присуствуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Чавков, заменик-министерот за внатрешни работи Земри Ќамили, заменик министерката за правда Билјана Бришковска Бошковски, како и претставник од Управата за водење на матични книги.

„Заклучивме дека сите ресори, особено МВР бидејќи ќе биде најмногу ангажирано во проверката на Избирачкиот список да формира една работна група на државно ниво и осум на локално ниво. Овие работни групи ќе ги формираат министерот и и дополнителниот заменик министер коишто на дневна база ќе одговараат на сите барања од ДИК. Истото тоа ќе важи и за останатите институции, од кои ќе има потреба ДИК за определени податоци. Од ова што го чув јас сум оптимист дека ќе се постигнат сите дејствија во предвидените рокови и ќе имаме фер и кредибилни избори на 5-ти јуни“, рече Димитриев по средбата.

Димитриев од ДИК бил информиран дека се очекува вкрстувањето на податоците да заврши викендов и оти од наредната недела треба да почне теренска проверка на податоците.

Од страна на ДИК Димитриев, како што рече, бил информиран дека Комисијата има капацитет многу бргу да постапи по пријавите од граѓани и да ги рачисти дилемите што се однесуваат на Избирачкиот список.

OhridNews
Извор:„Макфакс“