Во Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид, вчера се реализираше работна средба со Јоан Борас Алаберн, извршен директор и комерцијалниот менаџер за источна Европа на шпанската компанија за производство, подготовка, производство и трговија со градинарски и овоштарски производи ФРУБЕЛСА.
На средбата беа разгледани можностите и условите за инвестирање во производство на градинарски и автохтони овоштарски производи, изградба на откупен и производен центар, како и размена на добри практики, искуства и технички know – how.
Исто така, разгледувана е можноста за обучување на група млади агрономи од Охрид околу најновите агро-технички достигнувања кои би ги примениле во текот на реализацијата на планираните инвестиции во општината.
Планираната соработка предвидува размена на информации на ниво на соодветни служби од областа на земјоделството со цел реализација на инвестиции што потенцијално би овозможиле неколку стотини директни вработувања и голем број на кооперантски договори во овој стопански сектор.
Инаку, ФРУБЕЛСА е една од најголемите компании за производство и пласман на овошје како и еден од најголемите производители на домати во светот со сопствен пласман на производи во Европа, Русија и арапските земји.
OhridNews