Најтрофејниот кошаркарски колектив во Македонија, КК Работнички, ја
официјализираше соработката со тренерот Емил Рајковиќ, екс стратегот на
Фени индустри.

Рајковиќ, со Работнички потпиша две ипол годишен договор, а на функцијата го наследи Марјан Лазовски.

„Изминатите десет дена Работнички беше во интензивна потрага по нов шеф
на стручниот штаб. Контактиравме со неколку странски еминентни имиња, а
во меѓувреме, викендов стапивме во контакт со Емил Рајковиќ, така да се
одлучивме за овој млад стручњак, со големо искуство, кој е докажан во
тренерската бранша во Македонија. Докажан е со неговиот пристап пристап
кон работата и мислам дека го направивме вистинскиот
избор“, рече
спортскиот директор на КК Работнички, Дејан Јовановски.

Примарна цел на Рајковиќ ќе биде да го состави костурот на тимот за следните години и да му го врати рејтингот на клубот.

„Овој нов почеток во КК Работнички за мене преставува голема чест,
бидејќи по десет години отсуство од Градски парк се враќам дома.
Очекувам дека ова ќе биде интересна авантура, која на Работнички ќе му
даде еден нов почеток. Се наоѓаме пред нималку лесна задача, од управата
добив гаранции дека проектот не е краткорочен, туку дека се работи за
долгорочен проект според нивните планови. Очекуваме веќе во наредната
сезона да бидеме сериозен конкурент за титулите во Македонија,
“ рече
Рајковиќ на официјалната промоција.

Главна задача на Рајковиќ ќе биде со тимот да избори пласман меѓу првите
пет екипи, со што би обезбедил настап во Супер лигата. Работнички, по
првиот дел од сезоната, со четири победи и пет порази, се наоѓа на
шестото место на табелата, пред него се екипите на Кожув, Лирија, Фени
индустри, Куманово и Струмица.

Во пресрет на вториот дел од кошаркарската сезона, од Работнички ја
раскинаа соработката со Амоке, додека извесно е дека тимот ќе го напушти
најдобриот играч Јелисијевиќ, кој има отворен договор и во случај на
добра понуда може веднаш да замине од Градски парк.

За ангажирање на нови имиња, Рајковиќ на располагање ќе има една недела,
новиот стратег на Работнички, потврди дека се бараат нови имиња без да
потенцира за кои кошаркари станува збор и дали евентуално ќе бидат
ангажирани некои играчи од домашното првенство.

„Во текот на кариерата сум соработувал со речиси сите кошаркари во
Македонија. Немојте да очекувате некои бомбастични трансфери, Работнички
ќе се стабилизира, во овој период ќе можеме да донесеме играчи кои се
слободни, во овој период пазарот е многу ограничен. Главните трансфери
ќе бидат во текот на летото, сега само ќе има некое стабилизирање на
екипата“,
вели Рајковиќ.

Вториот дел од кошаркарската сезона ќе стартува на 26. јануари со
натпревари во Купот на Македонија, додека првенството ќе продолжи на 9.
февруари, кога Рајковиќ како тренер на Работнички за противник ќе го има
својот поранешен тим Фени Индустри.

“Макфакс“