Работниците во Македонија ќе имаат можност да заминат во пензија три години подоцна од досега законски предвидената старосна граница за пензија.

Ова се превидува со новите измени во Законот за работни односи, што се усвоени на денешната владина седница.

Со измените, кои ги претставија вицепремиерот и минситер за финансии Зоран Ставреси и министерто за труд и социјална политика Диме Спасов, на работниците им се дава право на избор при старосната граница за пензија, односно им се дава можност на мажите да го продолжат работниот однос до 67 годишна возраст, а на жените до 65.

Согласно Законот за работни односи и досега постоеше таква можност, работниците да продолжат со работа уште една година, но со дозвола од работодавачот. Сега наместо да се пензионираат на 62 односно 64 години, мажите ќе имаат можност да работат до 67, а жените до 65 години без согласност од нивниот работодавач, односно ако самите изразат желба, изјави Ставрески.

Тој додаде дека речиси сите европски држави ја зголемиле старосната граница за пензионирање и тоа задолжително, додека во Македонија им се овозможува на работниците сами да одберат уште колку години ќе работат.

Покрај оваа донесена и уште една законска измена, со која се предвидува  работниците кои работат со договор на дело или авторски договор да добиваат здравствено и пензиско осигурување.

Досега работодавачите на овие категории на работници им плаќаа само персонален данок без здравствено и пензиско осигурување. Отсега па натаму, по усвојување на Законот во Собранието, работодавачите ќе имаат обврска да им плаќаат здравствено и пензиско осигурување или истите да ги пријават, рече Ставрески.

Тој информираше дека законските измени се однесуваат само за оние работници кои преку договор на дело или авторски договор земале плата над минималната.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека на овој начин работникот ќе биде дополнително заштитен и значително ќе се влијае на намалувањето на сивата економија во Македонија.

OhridNews

извор: „Макфакс“