Ракометарите на Охрид, вo сабота со почеток во 18 часот, на домашен терен против тимот на Вардар Јуниор ќе го одиграат последниот официјален натпревар во 2019 година. „Гладијаторите“, со триумф против младите „вардарци“ математички ќе го заверат пласманот во плејофот и ќе ја продолжат серијата без пораз на 13 натпревари.

Во првиот меч во Скопје, Вардар Јуниор им пружи силен отпор на охриѓани кои мораат добро да се испотат за победата и бодовите. Поучени од тој натпревар, „гладијаторите“ предводени од тренерот Раде Стојановиќ не ги впишуваат бодовите пред да ги освојат на теренот.

Максимално тренираме и не се опуштаме и за мечот со Вардар Јуниор ќе бидиме целосно подготвени. Екипата на Вардар Јуниор е незгоден ривал, со многу млади ракометари кои тренираат со првата екипа и сигурно ќе сакаат да се надигруваат против нас. Одиме на победа со која ќе ја заокружиме успешната есенската полусезона на Охрид во Супер лигата. На почетокот на сезоната реков дека на екипата и треба време да се воигра и да дише како еден. Во текот на сезоната тоа и се случи, победите се нижеа, а серијата без пораз кажува дека клубот е на добар пат. Со речиси и теоретскиот пласман во плејофот ја реализиравме првична цел на клубот, а следната година кога ќе продолжат мечевите од Супер лигата ќе видиме што имаме уште нешто да покажаме. Екипата има уште што да каже и сигурен сум дека ова не е најдоброто од нас. – изјави Стојановиќ.

Шанса на мечот со Вардар Јуниот се очекува да добијат младинците и ракометарите се помала минутажа. Наум Костов кој е еден од лидерот на младинскиот состав на Охрид стрпливо ја чека и капитализира својата шанса.

Сигурен сум во победа и успешен крај на оваа полусезона. Секогаш кога ќе добијам минутажа гледам и се трудам максимално да ја искористам. Младинската лига и натпреварите таму нам ни служат да покажеме што сме научиле и до каде сме со тренинзите во првиот состав. Засега, успешно ги комбинирам факултетот и обврските во клубот и се надевам дека така ќе продолжи во иднина. Ја користам приликата да им се заблагодарам на „Рибари“ и охридската публика за досегашната поддршка и да ги повикам во што поголем број да дојдат во сабота и заедно да прославиме нова победа. – рече Костов.

Натпреварот Охрид – Вардар јуниор се игра во 18 часот, а влезот чини само 50 денари.

OhridNews