Охридските ракометари на втората позиција само со бод помалку од водечката екипа на табелата Металург ја пречекаа пузата во Супер лигата. „Гладијаторите“ повеќе од три недели не тренираат заедно, туку секој посебно со специјална програма, а последниот меч го одиграа на 11 март кога го совладаа Металург со 22-20.

Паузата во мак-ракометот може негативно да влијае на ракометарите. Првично се зголемува опасноста од повреди, а потоа кратко е времето да се извади најдоброто од играчите.

Никој не е навикант да седи дома два и пол месеци. Ова не е пауза од месец и пол после која имаме 40-45 дена за подготовки за да можеме играчите да ги подготвиме максимално за предизвиците туку ситуацијата е максимално неповолна за сите. Ниту еден професионалец не се има најдено во ваква ситуација. Ракометарите можеби тренираат, но не е тоа вистинското бидејќи се работи индивидуално и сигурно организмот нема да може да го даде она што ќе биде потребно бидејќи паузата ќе биде многу долга. Инаку, ќе биде тешко и да се одигра некој брз систем, а не е коректно во еден натпревар да се одлучи цела сезона. Ако се продолжи вонредната состојба за нови 30 дена ќе биде навистина тешко. Ќе имаме навистина тешка ситуација во која нема да можеме да ги подготвиме ракометарите за натпреварите бидејќи после 20 мај ќе биде навистина тешко. Мораме да размислуваме за здравјето на играчите. Новата мерка која е воведена за полициски час од 16 часот и целосен карантин од петок од 16 часот до понеделник наутро до 5 часот само уште повеќе ќе ги отежне работите и ќе биде навистина претешко да се успее сезонава да се подготви тимот за некакво продолжение на сезоната. – изјави тренерот на Охрид Раде Стојановиќ за „24ракомет“.

Стратегот на охриѓани даде предлог околу одлуката како да се заврши сезоната, како да се поделат местата за излез во Европа и судбината на екипите од долниот дел на табелата.

Во ваква ситуација ќе биде навистина тешко да се донесе вистинската одлука. Сметам дека можеби најдобро е годинава да нема шампион и да нема испаѓање од Супер лигата. Лично мој став како тренер е двете екипи кои играа во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите да се види со каков буџет и со каков квалитет ќе располагаат за следната сезона. Оној што ќе има подобар тим за новата сезона тој би требало и да го добие местото во Лигата на шампионите, а другиот да игра во Евро лигата. Тимовите кои завршија на првото и второто место сезонава во регуларниот дел односно се наоѓаа на нив пред почетокот на паузата да ги добијат другите две места, но во ситуација доколку немаат доволно добар тим и финансии да го отстапат местото на следниот на табелата. Сметам дека треба да се има фер-плеј во ваква ситуација. Сето ова го зборувам од лично има како тренер. – рече Стојановиќ.

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ќе има полни раце работа бидејќи (ќе) треба да донесе одлука позитивна за клубовите и македонскиот ракомет.

OhridNews