Ракометарите на Охрид, утре (петок) со почеток во 19 часот, на гостински терен кај Бутел Скопје ќе ги започнат натпреварите од плејофот во Супер лигата. Амбициите на „гладијаторите“ се пласман во самиот врв во македонскиот клупски ракомет, а прв тест за апетитите ќе биде дуелот со Бутел Скопје, кој е окарактеризиран како дерби на колото.

Нашата крајна цел е место на табелата кое води во Европа. Плејофот е долг, ракометари се подготвени, единствено што жалам моментално е што мечевите ќе се играат без публика, – рече тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ.

Тој додаде дека годинешниот плејоф е подобар и поквалитетен од било кога во македонскиот клупски ракомет, а истакна дека сите мечеви ќе бидат со предзнак дерби.

Сите екипи влегуваме со иста цел, односно победа на секој натпревар и што подобар пласман на табелата. Прв ривал ние е Бутел Скопје. Нашите мечеви се секогаш тесни и неизвесни. Одлучуваат нијанси, подобра игра во напад или одбрана и среќата во клучните моменти, – изјави Стојановиќ.

Бутел Скопје ја засили екипата на пивотменската и бековската позиција, додека Охрид го доведе репрезентативецот Михајло Младеновиќ.

Натпреварот ќе покаже дали Бутел Скопје е во предност со тоа што се засили во зимскиот преоден рок, или пак, ние што го доведовме само Младеновиќ. Инаку, Бутел Скопје е компактна екипа, со ракометари кои играат долги години заедно. Годинава немаме одиграно официјален натпревар, но нема некои работи, кои не ги знаеме еден против другиот клуб, – потенцираше охридскиот стратег.

Дербито на колото ќе биде пренесувано во живо на третиот програм на националниот сервис и во живо на ју тјуб каналот од РФМ.

Мх.П.