Фени индустри ја намали предноста на МЗТ, на 1:2, во финалната серија в плејофот на кошаркарското првенство, откако забележа убедлива победа од 84:65. Сепак, победата на Фени, мина во знакот на инцидентот кој се случи во петата минута од натпреварот, кога тренерот на МЗТ, Александар Тодоров, со пластична канта беше погоден во главата.

Натпреварот во Кавадарци поради инцидентот беше во прекин речиси цел час, а кога продолжи Фени стигна до убедлива победа.

Последните информации говорат дека Тодоров имал полесен потрес на мозокот и му било препорачано да мирува четири дена, што значи дека може да го пропушти следниот натпревар од финалната серија, кој на програмата е во недела.

Стратегот на МЗТ, по натпреварот во изјава за официјаната страна на МКФ рече дека Фени бил подобар тим и дека неговата екипа подеднакво лоши играла и во одбраната и во нападот.

Неговиот колега од спротивната страна не пропушти да се извини за инцидентот. „ Би сакал јавно да му се извинам на тренерот на МЗТ за оној инцидент. Слушнавме дека станува збор за неодговорен гледач кој фрлил и избегал од салата. Јас веднаш се стрчав да помогнам, се обидов колку можам да го заштитам него и гостинските играчи. Тоа што се случи е еден многу лош чин кој не смее никако да се случува“, изјави тренерот на Фени индустри, Емил Рајковиќ

Ohridnews