Женската ракометна репрезентација на Македонија, во литванскиот град Паневезус, ќе ја има првата од двете меч топки, за пласман на Европското првенство во Холандија.
Македонските репрезентативки, на табелата во Групата 4, по четири одиграни натпревари го делат второто место со Турција, двете репрезентации имаат по две победи и порази, лидер на табелата е Франција, а последна е Литванија.

За сигурен пласман на континенталниот собир, а во исто време да не зависат од другите резултати, на Македонија и се неопходни победи на мечевите со Литванија и Турција.

Против Литванија, Македонија на првиот меч во Скопје забележа убедлива победа од 34:25, но Литванките не се воопшто наивен тим кога играат на домашен терен, тоа го покажува и нивната победа над Турција од 35:31.

Доколку ракометарките уште еднаш ја совладаат Литванија,  Турција загуби од Франција, тогаш во меѓусебниот дуел во Скопје, избраничките на Гино Стрезовски и со нерешен резултат ќе изборат пласман на ЕП.

Со евентуален неуспех во Литванија, а под претпоставка дека Турција на домашен терен ќе загуби од фаворитот Франција, тогаш на 3. јуни македонските репрезентативки против Турчинките ќе мора да бркаат и гол разлика. Турција на натпреварот одигран во октомври минатата година победи со 36:28.

Натпреварот со Турција ќе се одигра на 3. јуни во Скопје.

Доколку ракометарките изборат пласман на Европското првенство, противничките во групата ќе ги дознаат на 6. јуни, кога во Ротердам ќе бидат извлечени составите на групите за континенталното првенство кое ќе се игра од 4. до 16. декември.