Репрезентацијата на Франција, вeчерва е противник на македонските ракометарки, во рамките на третото коло, во квалификациската група 4, за пласман на Европското првенство.

Франција, второпласираната репрезентација од последното Светско првенство, е лидер на табелата во групата 4 со две победи, Македонија заедно со Турција имаат победа и пораз, додека последна е Литванија.

Реномето на противничките е доволна мотивација за избраничките на селекторот Гино Стрезовски, да се обидат да изборат поволен резултат, со кој би бил поништен поразот од Турција.

Македонскиот селектор најави  дека ракометарките ќе дадат се од себе за да стигнат до позитивен резултат. Македонија за двомечот со Франција ќе биде посилна за Јулија Портјанко-Николиќ.

Натпреварот ќе започне во 20:15 часот. Возвратниот дуел ќе се одигра во недела, на 25. март, во Клермон.

Ohridnews