Жири комисијата за доделување на наградата „Григор Прличев“ што НУ Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид ја доделува за најдобра поема во ракопис во 2020 година, во состав: Маја Јакимовска-Тошиќ (претседател), Славчо Ковиловски (член) и Весна Мундишевска-Велјановска (член), на својот заеднички состанок одржан на 21.12. 2020 година едногласно ја донесе одлуката за избор на најдобра поема за 2020 година, при што како највисоко рангиран го посочи ракописот „Капетаните“ под шифра „Мисија“, информира установата.

Поемата „Капетаните“ под шифра „Мисија“ претставува еден вид посвета на Прличевиот поетски подвиг, конструирана низ своевиден паралелизам преку композициска, структурна, поетичка и содржинска аналогија со поемата „Сердарот“ на Прличев. Содржински и структурно се работи за целина, обединета околу централниот настан (погибијата на главниот јунак капетанот Бојан и единствен син на скршената мајка Пејка, како аналогија на настанот и на ликовите со Прличевите Кузман Капидан и Неда), која композициски достигнува цврсто интегративно рамниште. Дејствителните сегменти се поделени во осум ненасловени делови. Во поемата се согледува суптилноста на авторот/ката во разоткривање на тематската целина, која комуницира со Прличевата поетска постапка уште со воведот најавен во духот на словенската антитеза, што се протега низ првите четири катрени во 16 стихови, понатаму во еднаквиот број на испеани стихови – 912 кои се поклопуваат со бројот на стиховите во „Сердарот“, римувани претежно вкрстено и паралелно иако не секогаш крајно доследно.  – се вели во образложението на жири комисијата.