Повеќе од 30 години, фамилијата Филипови се занимава со рачна изработка на македонски народни носии. Нивните автентични дела меѓу кои чорапи, скутини и килими, денеска ги красат домовите не само на семејствата од регионот и Европа, туку и на познатите Хилари Клинтон и Батлер.

Нивниот семеен дуќан кој се наоѓа во стариот дел на Охрид, секојдневно го посетуваат голем број туристи, кои остануваат без зборови  од уникатните ракотворби.

Моето семејство повеќе од 30 години се занимава со изработка на народни носии. Идеата потекнува од мојата баба, која уште пред тоа везела за домашни потреби. Сепак, почетоците се врзани со мојот татко, кој како дел од едно фолклорно друштво зел лиценца за кореографија. Набрзо, станува кореограф во тогаш познатиот КУД Руен во Кочани. Најпрво носиите ги избработувал за потребите на друштвото, а со тек на време се зголмило производството.“ – вели 27 годишниот Даниел, кој е најмладиот член во семејството Филипови што се занимава со израбтока на народни носии.

Интересот кај Даниел за овие ракотворби, датира уште од основношколските клупи, кога започнал да ги проучува разликите меѓу носиите кои потекнуваат од Македонија.

За да се занимаваш со изработка на носии, мораш да познаваш која ракотворба од каде потекнува и по што е карактеристична. Уште како основношколец, се заинтересирав и навлегов во суштината на овој бизнис. Тука во Охрид дојдов во 2004-та година, а по краток временски период ги снабдив охридските фолклорни друштва со народни носии. Дојдов до идеа да имам сопствен дуќан, каде ќе можам да ги изложам работите. Воглавно, занаетот е фамилјарен. Некој шие, некој везе, а дополнително ангажираме околу 10  жени за потребите на занаетот.“ – вели Филипов.

Процесот на изработка на една народна носија, во зависност од повеќе услови и параметри, може да трае од неколку денови па до еден месец.

За некои носии, потребни се до 5 дена, додека некои се изработуваат за 2 недели па до месец дена. Како покомплицирани се галичката и скутината на скопската, за која треба две недели да се исткаат само баклавите.“ – додава Филипов.

Она по кое се разликуваат народните носии се шарките, боите и мотивите кои се автентични од регион до регион. Така, во повисоките планински села  носиите се поразлични од оние во приградските.

Сите повисоки планински села ги имаат најбогатите носии во Македонија, пошто во тие региони немало толку турско влијание. Такви се галичкиот и мијачкиот регион, струшкиот дримкол, осоговскиот, крушевскиот, смилевскиот  регион како и дебарските планински села. Тука жените носеле црвени упадливи бои, со многу поголеми везови, пошто во приградските села ако девојките биле средени,  Турците ги носеле во харемот. Исто така, жителите на овие села имале повеќе време за работа, бидејќи во зимскиот период биле послободни.“ – истакнува Даниел Филипов.

Црната, црвената и жолтата боја преовладуваат во македонските народни носии, но постојат и региони во кои се употребуваат портокаловата, зелената и розевата. Во пограничните места во источна и северна Македонија, постојат миксови на фолклори со соседните земји, а кулминација на македонскиот фолклор имаме во скопската невестинска носија и онаа од Голо Брдо – дебарско.

Во прилепско-битолскиот регион преовладуваат црната и белата боја со исклучок на Мариово, каде што постојат поротокалови везови. Кичево е единствениот град во кој е застапена розевата боја. Во скопско, имаме скутини со зелена боја, додека во Крива Паланка и источна Македонија имаме микс на носии со соседните земји. Таков е случајот и со кумановскиот регион и Скопска Црна Гора.“   – вели Филипов, од чиј дуќан се изработуваат и чаршави за маса, перничина, килими и кошули со македонски мотиви и везови.

За овие автентични ракотворби, интересот е особено голем меѓу  странските туристи, кои се воодушевуваат од македонските традиционални занаети.

Кај охриѓани нема голем интерес, освен кај оние кои работат со фолклорот. Од Скопје има доста голем интерес, а се повеќе млади носат модерни леани алишта со етно везови. Од странските гости, највеќе соработуваме со Американците и Британците. Исто така, морам да ги споменам и Македонците од Канада, САД и Австралија. За нашите ракотворби се заинтересирани и познатите фолк музички ѕвезди, кои носиите ги купуваат токму од тука.“ – додава Филипов.

За во иднина, 27-годишниот Даниел вели дека покрај проширувањето на бизнисот, една од животните желби му е да има свој сопствен етно-музеј, во кој ќе ги приложи сите уникатни ракотворби кои ги собирал во изминатите години.

Мојата желба за во иднина е да имам приватен музеј со носии. Имам доста солидна колекција со некои 100-тина комплети од сите региони. Сакам да ги надградувам, но сепак тоа ќе го оставам за во иднина.“ – вели Даниел Филипов.

О.Т.