Рамиз Мерко се враќа на градоначалничката функција во општина Струга. Во вториот круг од локалните избори, според првичните неофицијални резултати кандидатот на ДУИ извојувал победа од околу 600 гласа над кандидатот на Алијансата на Албанците и нејзин лидер Зиадин Села.
Според Државната изборна комисија Мерко освоил 13.927 или 49,53%, а Села 13.136 гласови или 46,72%.
-Им благодарам на сите што го дадоа гласот за мене, но и на тие што не гласаа за мене. Ова е победа на мултиетничка Струга. Ќе работам во интерес на сите граѓани на Струга. – изјави вечерва Рамиз Мерко.
Зиадин Села не ја признава победата на Мерко. Вели дека тој победил во сите албански средини 2:1, а за Мерко гласале Македонците. Го повика Ахмети на предвремени избори, а Заев го обвини дека ја поделил длабоко мултиетничка Струга.
-Имајќи предвид дека демократијата е волјата на мнозинството, а мнозинството во Струга е на албанското население, во сите албански села 100 проценти и кај албанското гласачко тело го имаме победено ДУИ и тоа со резултат од два спрема еден. Останува сега тој да даде одговор. Не сме ги изгубиле изборите. Напротив, ако некој сакал да удри врз мојот легитимитет како претседател на Алијансата на Албанците ме направија уште посилен. Али Ахмети те чекам на парламенгарни избори. Зоран Заев иако декларативно се залага за живот, рамноправност и соживот, успеа уште повеќе да ја продлабочи делбата помеѓу етничките заедници во Струга.– изјави Села.
Кој губи има право да се лути возврати Рамиз Мерко кој ги отфрли обвинувањата за нерегуларности од неговиот противкандидат.
-Тоа се шпекулации. Кој губи има право да се лути. Ги повикувам советниците на Алијансата на Албанците и Села да ни се придружат и заеднички да работиме за Струга. – истакна Мерко.
Очигледни се разликите помеѓу Мерко и Села во однос на епилогот на локалните избори во Струга. Како тоа ќе се одрази на функционирањето на локалната самоуправа, но и на владината коалиција чиј дел се и ДУИ и Алијансата на Села, останува да се види.
Г.М.