Првообвинетиот од случајот „Пајажина“, сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски, денеска ќе даде исказ во врска со обвинението според кое се товари за злосторничко здружување, затајување данок, перење пари и злоупотреба на службената положба.

Рамковски на минатото рочиште најави дека неговиот исказ ќе биде краток. Додека судијката Павлина Христовска се договараше со бранителите на 23-та обвинети во случајот „Пајажина“ за тоа по колку мина сведоци ќе се испрашуваат на ден, Рамковски рече „јас имам 15 минути, толку сум напишал“.

Освен Рамковски, денеска исказ ќе треба да дадат и Амди Рамковски, братот на сопственикот на А1 телевизија, Невин Рауф и Зоран Мицевски. Додека еден од обвинетите дава исказ, во судницата нема да бидат присутни другите обвинети.

По четири одложувања и многу приговори од страна на адвокатите, минатата седмица обвинителката Гордана Гешковска и нејзината заменичка неколку часови го читаа обвинителниот акт напишан на 79 страници за 23-та обвинети во случајот „Пајажина“

Обвинителството ги товари Рамковски и раководителите на неговите 24 фирми во Македонија и странство за злосторничко здружување.Според обвинението, Рамковски и соработниците преку меѓусебно плаќање невистинити фактури и фиктивни позајмици, вршеле перење пари и избегнувале плаќање данок.

OhridNews
извор: „Макфакс“