Иако сме на прагот на пролетта, голем број охриѓани веќе го имаат уплатено својот летен одмор, искористувајќи ги големите попусти и акции за рана уплата на аранжманите.

Дел од граѓаните кои веќе го имаат испланирано и резервирано своето летување, велат дека попустите се примамливи дури и за оние кои не можат да си дозволат многу големи трошоци за одмор.

-Во месец февруари уплативме аранжман во Лептокарија, Грција за терминот од 11-ти до 18-ти јуни. Аранжманот заедно со пресметаниот попустот од 15% не чинеше околу 75 евра за едно лице, односно околу 150 евра за двајца. Во цената е вклучен и организиран превоз со поаѓање од Охрид. Ваков сличен аранжман имавме уплатено и минатото лето и бевме многу задоволни, вели повозрасна охриѓанка која веќе го испланирала своето летување.

Од Туристичката агенција „Елида Турс“ велат дека за разлика од порано, годинава има значително поголем интерес за раните резервации за летните аранжмани.

-По се изгледа клиентите сфатија дека со раната уплата цените се далеку пониски од редовните цени, а веќе имаме голем број на клиенти кои  извршиле уплата и си го испланирале одморот навреме. Цените со попустите се навистина поволни. На пример еден аранжман за почеток на јуни со седум ноќевања со вклучен превоз од Охрид, со апартманско сместување во Грција чинеше 39 евра. Исто така со рана резервација нудевме и хотели чии цени се движеа од 19 евра на база полупансион, како и аранжмани „all inclusive“ за 299 евра со авионски превоз, велат од „Елида Турс“.

Од туристичката агенција „ВИС ПОЈ“ велат дека од пакетите за рани резервации најпривлечни биле аранжманите за грчките летувалишта, но интерес имало и за раните резервации за летување во Црна Гора, Албанија и Турција.

-Интересот за рани резервации се повеќе станува популарен кај нашите клиенти, многумина навремено ги прават своите резервации и обезбедуваат заштеда на планираниот буџет за летен одмор.  Освен за апартманското сместување, клиентите покажале голем интерес за „all inclusive“ аранжманите особено за Грција и Турција. Би сакале да ги информираме сите заинтересирани дека се уште има понуди за попуст со рана резервација за сите дестинации, но и понатака ќе има чести промотивни дневни или неделни кампањи со кои сите заинтересирани ќе можат да искористат попуст за својот летен одмор, велат од „ВИС ПОЈ“.

Оттаму најавуваат дека за оваа сезона како нова дестинација ќе биде промовирана атрактивна понуда за Кипар, за која се очекува голем интерес.

Освен за раните резервации за летување, во овој период од годината интерес има и за Велигденските пакет аранжмани.

-За Велигденските празници нудиме широка палета на аранжмани. По традиција, интересот е неизбежен за аранжманите за Крф, Санторини, Сараево, Банско, Сандански, мошне атрактивни се и аранжманите за Тоскана и Париз. Интересни се аранжманите за Берлин, како и аранжманите за Порто и Лисабон, Москва и Сант Петербург и Мадрид, велат од „Елида Турс“.

Помеѓу атрактивните пролетни аранжмани од „ВИС ПОЈ“ нудат повеќе понуди со авионски и автобуски превоз, како и индивидуални патувања со сопствен превоз.

-Празничната понуда оваа година е навистина богата, а Париз и понатака е најпродавана дестинација. Но голем интерес има и за аранжманите за Прага,  Будимпешта, Малта, Грција, Белград, како и за спа центрите во Бугарија, особено за Сандански, објаснуваат од „ВИС ПОЈ“.

Оттаму информираа дека голем интерес клиентите покажале и за програмата за Будимпешта за концертот на Андре Реи, кој што ќе биде на 18-ти мај 2016 година.

Е.М