Жири комисијата  за доделување на наградата  „Живко Чинго“ за расказ за 2012 година, во состав Иван Џепароски- претседател и членовите Славе Ѓорго Димоски и Венко Андоновски, донесе одлука наградата да му се додели на расказот „Богу верен, в брани силен“ под шифра „Огниште и пак огниште“.

Жирито на неколку одржаните состаноци детално ги разгледал  55-те пристигнати раскази. Во потесен избор биле 7 раскази, што комисијата го оценува како евидентен раст на квалитетот  на пристигнатите прилози.

Седумте раскази од потесниот  избор  го изразуваат мноштвото на естетски тенденции во македонскиот расказ денес, а особено радува што расказите покажуваат високо рамниште на уметничка заокруженост, потенцираат од жири комисијата.

Во најтесен избор биле три раскази и тоа: „Шмркачи“, „Ихтис“ и наградениот „Богу верен,в брани силен“.

Наградениот расказ се издвојува од останатите според својата уметничка вредност, особено според јазикот, како и според желбата на авторот на еден поинаков начин да проговори за состојбите во Охрид во времето на Прличев, рече претседателот на комисијата Џепароски.

Меѓу пристигнатите раскази имало од повеќе градови од земјава што дава еден позитивен белег на манифестацијата.

Наградата на добитникот ќе му биде доделена на 13 август во селото Велгошти каде што се одржува традиционалната манифестација „Вечер на Живко Чинго“. Новина е што годинава беседа ќе одржи наградениот автор.

OhridNews