Интернационалниот музички фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“ по 31-ти пат го распиша конкурсот за нови композиции што ќе бидат изведени на годинешното фестивалски издание.

Условите за учество на „Охрид фест – Охридски трубадури 2024“ се композицијата да има назнака за која фестивалска вечер е наменета, демо-снимката и текстот треба да се на македонски јазик, композицијата да има наслов, да не е изведувана, сето проследено со податоци на авторите (име, презиме, авторската улога во тимот) и контакт информации. Демо-снимките треба да бидат со пратечки инструменти, пијано и гитара.

На конкурсот можат да учествуваат сите домашни и странски автори кои ги исполнуваат условите за учеството, а рокот за поднесување на пријавите е до 1 јуни 2024 година. Своите композиции авторите треба да ги испратат на следната електронска адреса: [email protected]

Инаку, концептот и локацијата на одржувањето на Фестивалот не се менува од вообичаеното. Тој ќе содржи две фестивалски содржини – фолк и меѓународната вечер што на 30 и 31 август на добро познатата локација Долни Сарај во Охрид.

Организаторот на фестивалот „Охрид фест“ и овојпат ја нагласува својата поддршка на новите пејачки надежи, давајќи поддршка за дебитантите, охрабрувајќи ги да настапат на 31-то издание на „Охрид фест- Охридски трубадури“.

Ова е извонредна шанса за промоција на дебитантите, бидејќи „Охрид фес“ го следат повеќе од 15 телевизии од Балканот што е извонредна можност за нивното промовирање. На истата сцена, во 1998 година Тоше Проески ја испеа „Усни на усни“ и го започна својот блескав музички пат, посочуваат организаторите на манифестацијата.

OhridNews