Две осминафинални пресметки се издвојуваат од осумте кои беа извлечени во ждрепката од Лигата на Шампиони која се одржа во швајцарскиот град Нион. Сите погледи во осминафиналните дуели ќе бидат вперени во средбите помеѓу Пари Сент Жермен – Реал Мадрид, односно Челси – Барселона.
Поранешно ривалство помеѓу ПСЖ и Реал Мадрид нема, затоа дуелите помеѓу Челси и Барселона изобилуваат со историски голови и успеси, тензии, судиски грешки и ред други работи.
„Светците“ сезонава имаат најдобар напад и стигнаа до рекордни 26 погодоци во групната фаза, но за да се мине Реал Мадрид кој два пати по ред стигнуваше до титулата ќе треба многу, многу повеќе. Во францускиот дрим тим предводен од Нејмар, Кавани и Мбапе свесни за предизвикот и така го прифаќаат.
– Ова е добар ждреб за нас. Верувам дека сме во ситуација да се натпреваруваме со сите клубови без разлика на името и квалитетот од противникот. Ние сезонава сакаме да направиме нешто во Европа и затоа не се оптоваруваме со ждрепката и противникот кој ни се падна. Мора да одиграме добро и паметно и со карактер на двата натпревари и да ги покажиме нашите квалитети, а тоа можеме најдобро во средба со Реал Мадрид. – изјави тренерот на ПСЖ, Унаи Емери.
Многу фудбалски стручњаци дуелот помеѓу Реал Мадрид и ПСЖ го окаректизираа како финале пред финалето. Истото мислење го дели и Емилио Бутрагењо легендата на Реал Мадрид. – Погледајте го само квалитетот на двете екипи и ќе ви стане јасно за каков двомеч станува збор. ПСЖ многу е посилен и поискусен од минатата сезона и мислам дека годинава тие решително тргнуваат по титулата.
Актуелниот англиски првак Челси е баук за Лионел Меси, а „сините“ се единствена премиерлигашка екипа која во последниве десеттина години ја имаат елиминирано Барселона. Каталонците и лондонските сини имаат „бурно“ минато исполнето со многу пикантерии почнувајќи од голот на Иниеста во 94-та минута за пласман во финалето, голот на Торес на Ноу Камп и судиската кражба на Овебро на Стемфорд Бриџ.
– Кога играте во ваква фаза од Лигата на Шампиони мора да се сретнете со екипи од рангот на Барселона. Нашата реакција е позитивна секако и претходно напоменав дека другите треба да стравуваат од нас, а не ние да си правиме притисок. Знам дека двата клуба имаат богато минато, но тоа не игра на теренот. Ова се две нови средби и ќе треба да ги одиграме како последни. – истакна Антонио Конте, менаџерот на Челси.
Најповолен ждреб имаше лидерот во Премиер лигата, Манчестер Сити кој за противник го доби тимот на Базел. Ждрепката во ЛШ малку радост донесе во таборот на Манчестер Јунајтед кој копјата ќе ги вкрсти со Севиља. Преостанатите два премиерлигаши Тотенхем и Ливерпул силите ќе ги одмерат со Јувентус односно Порто. Бешикташ мина најлошо од носителите во ждребот, откако за противник го доби Баерн Минхен, а осминафиналните парови ги комплетираат Шахјтор и Рома.
Распоред:
13 февруари (вторник): Базел – Мен Сити, Јувентус – Тотенхем
14 февруари (среда): Реал Мадрид – ПСЖ, Порто – Ливерпул
20 февруари (вторник): Баерн Минхен – Бешикташ, Челси – Барселона
21 февруари (среда): Севиља – Манчестер Јунајтед, Шахјтор Доњецк – Рома
6 март (вторник): ПСЖ – Реал Мадрид, Ливерпул – Порто
7 март (среда): Мен Сити – Базел, Тотенхем – Јувентус
13 март (вторник): Мен Ју – Севиља, Рома – Шахјтор
14 март (среда): Бешикташ – Баерн Минхен, Барселона – Челси
OhridNews