Од почетокот на оваа година во Охрид се евидентирани вкупно 217 заболени од грип. Како што информираат од Центарот за јавно здравје најголем пораст на бојката на заразени од ова вирусно заболување имало во текот на минатата седмица, кога медицинска помош побарале 103 охриѓани.

Станува збор за грип кој се манифестира со висока температура, главоболка, болки во мускулите, течење на нос, воспаление на грлото и ушите.

-Најголем дел од заболените се на возраст од 20 до 64 години и се уште не се евидентирани високи бројки кај најмладата популација. Интересно е тоа што најмалку заболени има на возраст од над 65 години, бидејќи најголемиот дел од лицата во оваа возрасна категорија се имунизирани со вакцини, информираше д-р Јованка Стурлакова Корвешовска, од Епидемиолошкото одделение при Центарот за јавно здравје во Охрид.

Според неа, значајно за намалување на ширењето на заразата е грипозните лица да останат во изолација и додека се болни да не одат на работа или на училиште.

-Како превентивна мерка од грипот препорачуваме редовно миење на рацете, редовно проветрување на просториите и вршење дезинфекција пред се на играчките во градинките. Препорачливо е да се избегнува долг престој во затворени простории и  да се внесува доволна количина на течности во организмот. Исто така вежно е и навременото лекување. Граѓаните штом почуствуваат симптоми на грип и имаат висока температура треба веднаш да побараат медицинска помош кај својот матичен лекар. Најефикасно е грипот да се третира со соодветна терапија, вели д-р  Стурлакова Корвешовска.

Таа објаснува дека особено ефикасен во лекување на грипот е антивирусниот лек „Тамифлу“ кој брзо дејствува во уништување на вирусот.

Инаку според податоците на Институтот за јавно здравје, на ниво на Република Македонија во текот на ова сезона биле пријавени 2.136 случаи на грип. Најголем број се регистрирани во регионот на Тетово (464), Куманово (386) и Прилеп (311), додека во останатите региони не се регистрираат многу високи бројки на заболени.

Е.М