Вкупно 4.852 охриѓани се евидентирани на листата на невработени во Агенцијата за вработување заклучно со месец ноември 2014 година. Оваа бројка е за 694 лица поголема од бројката на невработени која била евидентирана заклучно со месец август 2014 година кога биле запишани вкупно 4.158 лица кои бараат работа во Охрид.

Доколку се направи споредба со податоците за месец јануари 2014 година, кога биле евидентирани 4.014 невработени, може да се заклучи дека за десет месеци, во евиденцијата на невработени биле запишани 838 охриѓани.

Младите охриѓани велат дека оваа бројка не е реална, бидејќи на неа треба да се додаде и бројот на лица кои не се пријавуваат како невработени во Агенцијата за вработување.

-Јас имам завршено педагошки факултет, невработена сум и не се пријавувам во Агенцијата за вработување затоа што по пет години пријавување, изгубив надеж дека ќе успеам да најдам работа на овој начин. Се покајав што веднаш по студиите се вратив во Охрид, сега аплицирав за работа во една скопска фирма и се надевам дека од наредниот месец ќе заминам на работа таму, вели една триесетгодишна охриѓанка.  

Според степенот на образование во рамки на ноемвриската евиденција во Охрид запишано е 871 лице со високо образование, а работа немаат и 52 магистри и еден доктор на науки. Доколку се направи споредба со бројот на невработени кои биле едидентирани во јануари 2014 година, може да се заклучи дека за десет месеци бројот на невработени охриѓани со завршен факултет пораснал за 56 лица.

Порастот на бројот на невработени високобразовани кадри, ги плаши охридските студенти кои се повеќе се загрижени дали ќе најдат работа по завршување на студиите.

-Јас сум апсолвент насоката Осигурување на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, имам уште неколку испити до дипломирање. Поучен од искуствата на моите пријатели и роднини веднаш по дипломирањето планирам да заминам на пракса во некоја од осигурителните компании во Скопје, каде се надевам дека ќе најдам и работа, вели млад охриѓанец, со кого поразговаравме на оваа тема.

Во евиденцијата на невработени охриѓани запишани се и 183 лица со виша школа и 1.392 лица со средна стручна спрема. Со непотполно средно образование работа бараат 1.085, а со основно образование 1.268 охриѓани.

Регистарот на Агенцијата за вработување, веќе неколку години наназад покажува дека повеќе од половината невработени во Охридскиот регион се со навршени 40 години или 2.794 лица. На возраст од 30 до 40 години запишани се 926 невработени лица, а преку Центарот за вработување во Охрид работа бараат и 1.132 лица, помлади од 30 години.

Според половата распределеност, во вкупната бројка на невработени охриѓани, доминират мажите со 2.698 невработени или 544 повеќе од жените, кои во евиденцијата на невработени партиципираат со 2.154 места.

Е.М