
“Безбедноста во сообраќајот веќе од поодмна не е само прашање на почитување на законската регулатива од таа област или пак на стручно опсервирање на квалитетот на сообраќајната инфратруктура, туку без дилема – приоритетна тема од поширок јавен, односно општествен интерес.
Во крајна линија не попусто Обединетите нации ја прогласија и промовираа Декадата на безбедност на сообраќајот на патиштата 2011-2020, а 17 ноември за Светски ден за одбележување и сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи. Значи, станува збор за проблем кој го надминал своето локално значение и прераснал во глобална закана чиишто репрекусии имаат глобални димензии. Затоа повторно ќе се навратам на грубата но потребна статиска за што попластично да ја разбереме тежината на предизвикот со кој што се соочуваме. Имено, еве ќе го земам во предвид само периодот 2011/12 како и деветте месеци од тековнава година и ќе ви кажам дека во вкупно 12.714 сообраќајни несреќи со настрадани лица повредени се 17.933 луѓе, а во сообраќајките загинале 444 лица. Конечно, сведоци дека само во изминативе две-три недели во неколку стравични сообраќајки имавме десетина нови жртви.“-рече Јанкуловска.
Таа истакна дека е совршено јасно дека динамиката на модерното живеење го прави сообраќајот еден од клучните сегменти во економското па и во севкупното општествено живеење. Но цената што за тоа се плаќа, како што впрочем не предупредуваат податоците, е преголема, и би рекла недопустлива, додаде министерката Јанкуловска.
Оттаму и потребата за нашите постојани ангажмани и активности што ги имаме во последниве години и како Министерство за внатрешни работи, но и како дел од еден поширок институционален систем, затоа што Владата на Република Македонија активностите во врска со проблематиката со безбедноста во сообраќајот ниту ги занемарува, ниту може да си дозволи таа да биде на сегашното рамниште. Многу пати од наша страна е потенцирано и демонстрирано на дело дека институциите се должни во континуитет да ги удвојуваат напорите, проектите, ангажманите, активностите во насока на фундаментално превенирање на ваквите трендови во безбедноста на сообраќајот.
„Можеби ќе и станеме досадни на јавноста што толку често преку разните кампањи, нормативни измени и подобрувања, конкретните превентивно-едукативни проекти, особено меѓу младата популација, а посветени на разните важни аспекти што ја сочинуваат безбеноста во сообраќајот, сме присутни во медиумите принудени да повторуваме и преповторуваме факти, податоци, бројки за една многу сериозна состојба, но ние сме обврзани тоа да го правиме, и од таквиот пристап нема да отстапиме.
Ќе бидам прецизна и децидна – Министерството за внатрешни работи нема да застане со напорите, притоа искористувајќи ги сите законски средства што му стојат на располагање, со цел овој проблем да биде сведен на минимум. Честопати нам ни се забележува дека многу сме казнувале, дека ги усложнуваме нормативните процедури, и слично. Меѓутоа ретко кој се прашува што се гледаат нашите службеници кога се на увид по тешките сообраќајни несреќи. На крајот на краиштата бројките што погоре ги посочив не се извештај од некакви вонредни околности, туку евидентирана, ајде така да кажам, мирнодобска статистика за еден сериозен проблем – безбедноста во сообраќајот.“-потенцираше Јанкуловска.
OhridNews












