Во Општина Охрид од вкупно 51 428 жители 10 634 се на возраст над 65 години, односно 20,68%, додека во Општина Дебрца од вкупно 3 719 жители 1015 се на возраст над 65 години или 27, 29%. Тенденцијата на зголемување на оваа возрасна популација е се поголема и проекциите кои доаѓаат од истражувањата и на Обединетите нации и други релевнатни институции покажуваат дека и во иднина, оваа популација над 65 години во светот ќе зема се поголемо учество во севкупната бројка.

Најновите податоци од пописот во 2021 година на Државниот Завод за статистика покажуваат дека вкупниот број на население над 65 години во Р.С. Македонија е 315.331 жител, додека бројот на новородени се намалува. Во периодот од 2013 до 2023 година учеството на старото население е зголемено од 13.1% на 18%.

Ова беше посочено на денешната прес конференција одржана во Црвен крст Охрид по повод одбележувањето на 1-ви Октомври, Меѓународниот ден на стари лица годинава под мотото „Застапување за здраво и инклузивно стареење“. Воедно беше потенцирано дека е потребно поголемо вклучување на старите лица над 65 годишна возраст во општествените текови и искористување на нивните капацитети, но и обезбедување на Дом за стари лица во Охрид.

Основната порака на одбележување на денот е дека оваа категорија на население се повеќе се зголемува во светски рамки и насоките се кон подобрување на социјалните, економските, здравствените услуги за оваа популација. Истата тенденција на зголемување на бројот на оваа возрасна категорија е и во Охрид, каде според последниот попис кој беше во 2021 година од вкупното резидентно население некаде околу 20% се лица над 65 години. Ова се оденсува и на Општина Дебрца каде бројот е околу 27%. Има и одредени проекции дека до 2030 година популацијата над 65 годишна возраст ќе биде двојно поголема од младата популација. Ваквата тенденција на зголемување на оваа популација во светски рамки предизвикува иницијатива во рамки на која во една насока се водат активности за подобрување на услугите за оваа возрасна популација се со цел да се подобрат нивните услови за живот, вели Ранко Раткушиноски од ОО Црвен крст Охрид

Посочи дека се реализираат иновативни и нови идеи и услуги за подобрување на животот на оваа возрасна категорија, социјалните услуги како помош и нега во домот и личната асистенција на лица со пореченост, дневните центри за престој на стари лица, групи за поддршка како „Најди време“ која функционира во рамки на Црвен крст Охрид, наменски транспорт за стари лици до одредена дестинација… Во рамки на Црвен крст на државно ниво, истакна дека функционира и услугата итно копче за брза превентивна интервенција.

Имаме низа на активности како кај нас, така и во европски и светски рамки кои се насочени кон подобрување на активностите, сервисните услуги и се она што е потребно за старите лица на оваа возраст, додаде Раткушиноски.

Во Црвен крст Охрид веќе 10 години се реализира програмата за грижа за стари лица „Најди време“ и истата се темели на два столба, од кои едниот е составот на самата група која црпи од своите искуства, вредности, капацитети и можности да пласира за другите и себе, и вториот, основен дел и специфичен за Охрид е што таа група на стари лица дава услуги и се грижи за други стари лица на кои им е потребна помош, вели волонтерот и координатор на Групата за грижа за стари лица, Љупчо Милкоски.

Оваа група, посочува, во тој оперативен дел, обучени волентери, брои околу 9-10 оперативци, а целата група која постојано функционира е од 15 до 20, луѓе кои се постојано подготвени за оперативни активности, за давање грижа за стари лица, но и за себе активирање. Во поглед на другиот дел за грижа на стари лица нивната бројка се движи од 60-70 лица на кои Црвен крст Охрид и групата „Најди време“ им укажува помош.

Старите лица кога ќе заминат во пензија не се група која треба да се заборави. Дел од оваа група се активни и во време кога заминуваат во пензија и прават проценка за можностите на искористување на својот капацитет. Моја препорака е да се искориси тој капацитет. Луѓето според тој капицитет треба да се повикуваат, да се ангажираат, консултираат за одредни дневни и стратешки активности. Тие умови не треба да згаснат треба да се користат, да се активираат за развојните активности на општината, на државата, вели.

Во поглед на тоа што треба да се направи за потребите кои ги имаат старите лица, посочува, за Охрид е Дневниот центар кој  веќе се гради, но го истакнува и Домот за стари лица.

Но, потребен е и Дом за стари лица во Охрид кој ќе биде под државна капа и ќе може од финансиска гледна страна да си го дозволат сите стари лица кои би имале потреба. Истиот тој да биде со креативни можности каде луѓето ќе можат да го дадат својот капацитет и активитет и истиот би се поврзал и со туристичките потреби. Државата и општетсвото треба да го користат капацитетот, да има повици, понуди, можност каде ќе дојдат до израз можностите на старите лица, кои не бараат многу и најголем дел својот труд и капацитет ќе го дадат волонтерски за добро утро и добра иднина, потенцира Милкоски.

Црвен крст Охрид се приклучува на кампањата на Обединетите нации за одбележување на 1-ви Октомври, Меѓународниот ден на стари лица, со активности кои вклучија презентации и интерактивни вежби. Истите се реалзираа во Едукативниот центар во Велестово а беа опфатени старите лица од групата „Најди време“ и корисниците на услугите, но и дел од младите волонетри.

Меѓународниот ден на стари лица се одбележува од 1990 година со одлука на Обединетите нации.

Н.С.Ј.